Втор во серијата – Дали нашите најпознати шефови готват во самоизолација, е шеф Никола Мишковски. Се разбира, не ги редиме по значење, ниту пак е ова натпревар кој е поважен и подобар во својата професија, туку по тоа како го комплетираме материјалот и фотографиите што ни ги испраќаат. Само најмладиот, шеф Дејан Карапеев, преку говорна порака, се пошегува: Мене за крај оставете ме, зашто сум најмлад!
Во време на ваква кризна ситуација шеф Никола оди на своето работно место во „Камник“, но работи со многу скратено работно време бидејќи иако ресторанот не работи, кујната работи во една смена и се подготвува храна за вработените од другите делови од фирмата, чиј број и не е така мал.
„Иако одам на работа, тоа е далеку помалку од вообичаеното темпо, па сега имам повеќе време да се посветам на домот и на семејството.
Седејќи дома почнав да пишувам книга. Со оглед на тоа што почнав да постам на масло, решив да направам книга која ќе содржи по 3 рецепти за три оброци во текот на 40-дневен пост, односно, ќе содржи вкупно 120 рецепти
Сега малку повеќе готвам и дома, а особено ми е кејф кога си играм со тесто.
На пример, постојано си правиме домашни багети, а син ми го учам да прави пица.
Препорачувам луѓето повеќе да си готват самите дома и да си го направат неделното мени на оброци зашто е најдобро да се знае кој ден што ќе се готви. Со тоа ќе си направиме математика колку намирници ни требаат, колку пари ќе потрошиме и најбитно, што ќе јадеме утре.
Нема потреба да се трупаат намирници на кои утре нема да знаеме што да им правиме. А најлошо е да ни останат неупотребени и да им помине рокот. Затоа, пазарете со список и според планот за неделните оброци и останете дома“ порачува шеф Никола Мишковски.