Виктор Настески е еден од нашите готвачи кој речиси целата своја професионална кариера ја поминува работејќи на брод.
Почнал да готви уште како дете, подготвувајќи јадење за себе и за својот пет години помал брат. Потоа решил да се запише во средно угостителско училиште, а истовремено стекнувал практично искуство работејќи во македонските хотели, прво во „Белви“, а потоа во „Холидеј Ин“. Од 2001. година, ја почнува својата ‘бродска’ кариера, а од 2012.до 2019 година работи како еден од шефовите на кујна на најголемиот брод на светот Allure of the Seas, Royal Caribbean Cruise Line и е одговорен за 9 од 25 ресторани на крстосувачот, позиција која му носи и офицерски чин.
После краток период на копно, Виктор неодамна се нашол пред нов предизвик – понуда за работа како главен шеф (Executive Chef) на бродот Oceana, на англиската компанија P&O Cruises.
Заминал на 8-ми овој месец кога, како што вели, ситуацијата со коронавирусот сѐ уште не беше толку лоша.
„Кога стаса понудата за работа, ситуацијата сѐ уште не беше толку лоша и во договор со сопругата, ја прифатив. Тргнавме на 8-ми март, но како што пловевме ситуацијата стануваше сѐ полоша. Требаше да пловиме околу Шпанија и Португалија. Стигнавме на првото пристаниште во Шпанија (Виго) и тука ни беше дозволено да застанеме и да излеземе.
Откако тргнавме од Виго накај Малага и Барцелона, ситуацијата веќе се смени и Шпанија ги затвори границите и пристаништата! Истото го направи и Португалија.
Компанијата немаше друг избор, освен да се вратиме назад во Саутхемптон, но пред да се вратиме застанавме во Гибралтар. Од Гибралтар тргнавме за Саутхемптон, кадешто наместо на 22,март стигнавме 4 дена порано, на 18.март.
Ги испративме гостите и некои од вработените дома и попладнето тргнавме за Довер, кадешто голем дел од нашите бродови ќе бидат стационирани додека ова лудило не се смири. Сите бродови задржаа голем дел од вработените и сега за сега остануваме на бродот и ќе бидеме платени.
Од тогаш, се разбира, на бродот немаме гости но сепак работиме со скратено работно време – за кујната и готвачите никогаш нема одмор. Мора да готвиме за екипажот, нели? Така, моментално готвиме за 650-700 вработени, но сепак имаме повеќе слободно време отколку што е тоа кога на бродот има гости.
Жал ми е поради тоа што излезе вака, но понудата беше на маса и не можев да ја одбијам, а никој не мислеше ситуацијата ќе ги добие овие размери.
Јас имам искуство и знаење околу ширењето вируси на брод, но ова е навистина страшно. Жал ми е што не сум со сопругата и со синот, но се трудам да бидам позитивен и се надевам дека сѐ ќе биде добро.
Мило ми е што пред да заминам ги обезбедив со храна за речиси еден месец, но и ако нешто им недостасува, сопругата знае на кој начин да се заштити. Секојдневно контактираме со сопругата Даниела и со син ми Леонид кој во јуни ќе полни 5 години и ужива да ѝ помага на мајка си во правењето кифли.
Сакам да сум сега дома, ама не можам, и нормално дека сум разочаран, но мора да мислиме позитивно и да се бориме. Фала Богу на бродот немаме заболени“, раскажува Виктор.
Меѓудругото, а очигледно во ситуација кога поради намалените обврски на бродот му останува и малку повеќе слободно време, тој не мирува и се труди да ги расположи своите најблиски соработници. Така ги направил и овие „Корона бомбици“ (Corona balls) од кои ни испрати фотографија и рецепт.
Па еве, доколку ги најдете овие печурки поради кои изгледаат така како што изгледаат, можете да се обидете да ги направите и сами.
Корона бомбици од мелено месо и печурки
Состојки:
100 г мелено месо (најдобро е мешано телешко и свинско)
10 г кромид, ситно сечкан
1 чешне лук, ситно сечкан
1 лажица брашно за поврзување на меленото месо
Сол и црн пипер по вкус
Мешан сув зеленчук
Сечкан магдонос
Печурки Енокитаке (ги има во некои од поголемите маркети)
Приготвување:
Се прави смеса од меленото месо и останатите состојки, се формираат бомбици и се боцкаат внатре малите печурки (енокитаке) како на фотографијата.
Секоја бомбица посебно ја набодувате на вилушка и ги обарувате во зовриена вода. Откако ќе се обарат можете да ги испечете во загреана рерна на 200 степени 5 до 7 минути. Послужете ги со доматен сос.