Шеф Снежана Ангеловска е секогаш таму кадешто се најубавите торти, а нејзиното име е синоним за „ангелчињата“, хуманитарната организација која ја основаше пред цели 15 години кога ја победи и тешката болест и посака да им помага на оние на кои им е тоа потребно преку организирањето на најслатките хуманитарни манифестации, тортијадите „Слатка мистерија“ и „Интерскопкејкс“
Иако е најпозната по декоративните торти со различни форми кои се вистински уметнички дела, се уверивме дека не прави само комплицирани нешта.
Ние кои секогаш сакаме нешто брзо и нешто лесно, ја замоливме за рецепт за наједноставниот десерт кој може да ни го даде. И … воала, ни даде една посна варијанта за чоколаден мус, која многу лесно може да стане и мрсна, односно, пудингот да се направи со млеко, а павлаката, наместо растителна, да биде исто така млечна.
Состојки:
2 кесички пудинг од ванила или чоколадо
200 г црно чоколадо
500 г матена растителна павлака
50 г темно какао
50 мл ликер по желба или коњак
Приготвување:
Пудингот се вари со вода и се остава да се излади (според упатството на кесичката).
Потоа се мати со миксер неколку минути, па се додава растопенато чоколадо и павлаката. На крај се додаваат и 50 мл ликер по желба или коњак.
Се сервира во чаши…
Снежана не би била Снежана ако не ги сервира малку поинаку – во чоколадни топки кои се разбира, сама ги прави од топено чоколадо кое потоа го обликува во чашки со помош на замрзнувачот и ги декорира со карамел.
Фото: Стефани Христов