Уште некои креативни начини за искористување на остатоците од храна

Еве како да заштедите пари, да го намалите отпадот и да го минимизирате влијанието врз животната средина

0
140

Фрлањето храна не само што е лошо за нашиот паричник, туку придонесува и за климатските промени. Сепак, постојат методи кои можат да ни бидат корисни за да го запреме фрлањето храна. Еве како да заштедите пари, да го намалите отпадот и да го минимизирате влијанието врз животната средина:

Кора од лубеница

Лубеницата е идеална летна закуска, а нејзината кора често се фрла. Сепак, таа може да се зачува и да се користи како крцкава закуска. Може да ја ставите во мешавина од оцет, вода, шеќер и сол и да ја чувате во замрзнувач додека не биде подготвена за грицкање. Во смесата можете да додадете и други зачини, како што се ѓумбир, цимет, црн пипер и слично.

Направете брускети од стар леб

Ако имате леб што стои веќе подолго време, нема потреба да го фрлате. Наместо тоа, искористете го за да подготвите домашни брускети. За почеток, исечете го лебот на коцки, и прелијте го со маслиново масло и зачини по желба, како рузмарин, црн пипер или лук. Потоа наредете ги коцките и печете ги 10-15 минути на 200°C додека не станат крцкави.

Стебленца од лиснат зеленчук

Лиснатиот зеленчук како кељот има влакнести стебленца што многумина ги фрлаат. Сепак, можете да ги зачувате и да ги исечкате на мали парчиња, и да ги пропржите со малку маслиново масло и зачини. Освен што ќе фрлате помалку храна, ќе добиете и оброк полн со хранливи материи.

Зачувајте ги лисјата од цвекло, моркови и ротквици

Повеќето луѓе ги фрлаат лисјата од морков, ротквичка и цвекло. Не го правете тоа повеќе, бидејќи овие лисја можете да ги додадете во разни рецепти. На пример, додадете ги лисјата во салата, супа или хумус.

Талог од кафе како ѓубриво

Талогот од кафе е одлично природно ѓубриво за растенијата и додава органски материјал во почвата за да го забрза растот. Талогот од кафе е корисен и за привлекување на глистите кои го подобруваат задржувањето на водата. Ставете го талогот околу растенијата, но не претерувајте.

Направете џем од кора од овошје

Наместо да ја фрлите лушпата од овошјето, како кора од јаболко или портокал, можете да ги користите овие остатоци за да подготвите вкусен џем. Едноставно, варете ја кората во вода 25-40 минути. Процедете ја кората и згответе ја течноста на силен оган, па додадете шеќер и сок од лимон пред да го ставите џемот во тегла.

Зачувајте ја кората од цитрус за да го освежите воздухот

Кората од цитрус е одличен додаток на домашните освежувачи на воздухот бидејќи многу добро ги апсорбира мирисите. Кората од грејпфрут, лимон или портокал во комбинација со морска сол, зачини и есенцијални масла можат да бидат одличен освежувач на воздухот.

Фото: Unsplash