Месото стигнува во продавници во различни форми и не е секогаш лесно да се препознае кое е свежо и со добар квалитет, особено ако е мелено. Најдобро е да купувате домашно, но тоа не е секогаш можно. Добро е да им се даде предност на производите од регионот, кои имале пократок пат до продавницата, но покрај информациите на пакувањето, треба да обрнете внимание и на изгледот на месото.
Иако многу луѓе мислат дека е нездраво, маснотиите му даваат на месото поголем дел од неговата арома, вели Елизабет Роесике од германскиот земјоделски центар. Квалитетното месо треба да има малку интрамускулна маст, а тоа може да се види по белите ленти налик на вените кои го прошаруваат месото.
Покрај тоа, ако се купува спакувано месо, во него не смее да има вода. Погледнете го пред да го ставите во корпата, нема да ви одземе повеќе од пет секунди.
„Ако месото лежи во крвава вода, тоа значи дека е старо“, нагласила Роесике.
Боја
Идеалната боја зависи од тоа за какво месо станува збор. Телешкото месо треба да биде светло, но не и бело, исто како и месото од пердувестите животни. Говедското месо треба да биде средно црвено, но не премногу темно. Свинското месо е идеално ако има бледо розова боја. Треба да се избегнуваат сите сивкави нијанси на месо, потенцира Роесике.
Цврстина
Постои уште еден начин лесно да проверите дали спакуваното месо е сè уште свежо. Ако се притисне со прст, тоа мора брзо да се врати во првобитната состојба и не смее да остане никаква вдлабнатина, а површината на месото мора да блеска.
Фото: Pixabey