Талогот од кафе ги брка полжавите и мравките од градината

Талогот од кафе можете да го користите ставајќи го директно во или на земјата или околу билките како ѓубриво.

0
299

Повеќето луѓе откако ќе се разбудат првото нешто што го прават е да си сварат кафе, па без размислување остатоците од талогот го фрлаат право во ѓубре. Меѓутоа, постојат толку креативни начини на кои може да се искористи талогот од кафе, па затоа следниот пат размислете пред да го фрлите.

Кога станува збор за убавина:

Направете пилинг: кафето е одлична намирница за пилинг на телото. Освен што ги отстранува мртвите клетки на кожата, може да придонесе и за намалување на целулитот. За да направите едноставен пилинг од кафе, измешајте малку мелено кафе со еднаква количина морска сол и две лажици масло од кокос. Можете исто така да додадете 5-10 капки од вашето омилено есенцијално масло во смесата.

Направете домашен сапун: покрај директен пилинг, зрната кафе и талогот ќе бидат одлични за подготовка на домашен сапун. Сè што треба за да го подготвите е една до две лажички искористени зрнца кафе на 400 грама сапун. Добро промешајте ја смесата и оставете ја малку да отстои. После тоа е подготвена за употреба.

Како да го искористите кафето во градината: Компостирање: ако досега не сте практицирале компостирање, треба да размислите за тоа и да пробате. Компостот е многу едноставен за правење и е исклучително хранлив за почвата. Додадете го искористениот талог од кафето во вашиот компост.

Поттикнете го растот на растенијата и цвеќињата: Талогот од кафе можете да го користите и ставајќи го директно во / на земјата или околу растенијата како ѓубриво. Но, треба да бидете претпазливи, затоа што талогот од кафето е покисело и може да ја наруши киселоста, односно pH вредноста на почвата. Затоа е погодна за култури кои претпочитаат покисело тло како што се бобинките.

Привлечете ги црвите во вашата градина: земјените црви го сакаат кафето и тоа е добра работа затоа што токму тие ќе ви помогнат во разградувањето на споменатите органски материи и хранливите материи од него ќе го преместат подлабоко во почвата. Освен тоа, ако уживате во риболов, ова е одличен начин за да ги одгледувате. Отстранете ги полжавите од градината: иако искористеното кафе ќе ви помогне во развојот на земјените црви, кога станува збор за полжави, тоа ќе ги одбие и затоа вашата зелена салата и останатите билки ќе бидат зачувани.

Искористете ги остатоците од кафе во куќата: Отстранете ги непријатните мириси од фрижидерот: сода бикарбоната не е единствената намирница што може да ви помогне. Едноставно земете сад во кој ќе го ставите искористеното кафе и потоа оставете го во фрижидер за да ги впие сите мириси.

Отстранете го мирисот на лук од вашите раце: искористените зрна кафе се извонредни кога станува збор за отстранување мириси од рацете после готвењето. Секогаш кога ќе исечкате кромид или лук или работите со риба, истријте ги рацете со талог од кафе и отстранете ги непријатните миризби.

Исчистете ги тврдокорните дамки од тенџерето и тавата: ако имате дамки што дури ни вашиот сунѓер не може да ги отстрани, употребете мелено искористено кафе. После тоа, исплакнете ги садовите темелно и оставете ги да се исушат.

Домашниот миленик што има болви: ако вашиот најдобар пријател со четири нозе има болви, можете да се ослободите од нив со помош на искористено кафе. Сè што треба да направите е нежно да го втриете кафето во неговото крзно и потоа да го исплакнете. Болвите, како и полжавите, не го поднесуваат мирисот и текстурата на кафето и тоа би требало да биде доволно за да се ослободите од нив.

Фото: Pixabey