Со јогурт во борба против рак на бели дробови

Консумирањето на јогурт и намирници богати со влакна се поврзува со намален ризик од развој на рак на бели дробови, покажале резултатите на новата американска студија објавени во списанието JAMA Oncology.

0
356

Научниците потсетуваат дека предноста на консумирањето намирници богати со влакна и јогурт и нивното влијание на здравјето е веќе утврдено кога станува збор за кардиоваскуларни болести и карциноми на системот за варење.

Новите откритија се базираат на анализата на податоците од студиите кои опфатиле 1,4 милиони возрасни лица од САД, од европските и од азиските земји. Тие упатуваат на тоа дека ваквиот вид на исхрана може делотворно да го спречи развојот на рак на бели дробови. Учесниците во студијата биле поделени во пет групи, зависно од количината на влакна и јогурт кои ги консумирале. Кај оние меѓу нив кои консумирале најмногу од споменатите намирници воочен е 33 отсто помал ризик од развој на карцином на бели дробови во споредба со групата која не консумирала јогурт ниту намирници богати со влакна.

„Нашата студија дава силни докази кои одат во прилог со американските Насоки за исхрана за периодот 2015. – 2020., со кои се препорачува исхрана богата со висок процент на влакна и јогурт“, рекла една од авторките на студијата, д-р на наука Ксиао Оу Шу која се занимава со истражување на ракот во склоп на Програмата за истражување на епидемијата на карцином во Центарот за рак Вандербилт-Инграм.

„Таа инверзна поврзаност ја забележавме помеѓу актуелните и поранешните пушачи, но и кај лицата кои никогаш не пушеле и еднакво помеѓу мажите и жените, како и помеѓу лицата со различно потекло“, додала научничката.

Шу рекла дека за ова позитивно влијание на влакната и јогуртот на здравјето се одговорни пребиотичките намирници (пребиотиците се несварливи состојки на некои намирници кои го поттикнуваат растот на корисни микроорганизми во цревата и гарантираат здрав и силен развој на цревната флора) и пробиотичките својства на јогуртот кои можат независно или синергистички да ја модулираат микробиотата на цревата на квалитетен начин.

Авторите на студијата ги објавиле резултатите од истражувањата во стручното списание JAMA Oncology.

Фото: Pexels