Скопјанката Билјана Филиповска и уште неколкумина други се дел од таканаречената Сметлана – неформална група, направена на Фејсбук, но активна – во реалниот живот. Тие, еден дел во неделата организираат акции за чистење на ѓубрето на Водно што го фрлаат неодговорните граѓани, т.н. Ѓубракции.
Преку објава на Фејсбук, тие своите акции за чистење на Водно ги закажуваат еднаш неделно, главно за викенд и, нормално, секој е добредојден.
Засега, во оваа постава од најмалку двајца, а најмногу 7-8 луѓе, тие во една акција собираат најмалку 15 вреќи (од 70 до 120 литри) ѓубре. Во контакт се со инспекторот за отпад во Општина Карпош. Ги оставаат вреќите на асфалтниот пат до локацијата и во рок од 1-2 дена отпадот го подигнуваат со возило вработени од општината. Досега ‘Сметланци’ имале 13 официјални акции, и уште најмалку толку неофицијални.
„Со оглед на тоа што живеам во Горно Нерези и често спортувам во природа, несакајќи ми паѓаа во очи доловите полни ѓубре низ планината. Навика ми беше наутро, на враќање од спортување да го соберам попатно ѓубрето што е полесно достапно, сѐ додека не погледнав полево и подесно од асфалтираниот пат…за да останам без зборови.
Често не бев сама, а од постовите на фејсбук се створи иницијатива и интерес да се стокмиме во неформалната група ‘Сметлана’, која е мала иницијатива и главно ја сочинуваат сериозно посветени љубители на природата, планинари, спортисти, професорка по пијано, лингвист, професор по уметност, инженер, економисти…Сите ние сме иницијатори за оваа група и за нашите акции, а и името си го измисливме сами, во иницијалното јадро на групата, околу 10-тина души, го изгласавме, а потоа создадовме и лого“, вели Билјана.
Инаку, во оваа ентузијастичка група, имаат и една пензионерка, мајката на Билјана, а некои од другите кои доаѓаат на акциите се родители па со себе ги носат и своите деца кои и самите учествуваат во чистењето..
„Иако засега имаме само една пензионерка, мајка ми, сите други кога не одминуваат додека чистиме за време на викендите, се воодушевуваат со идеја да се приклучат и самите во некоја од следните акции. Возраста ни е од 5 до 72, сме имале и акции кога родителите ги носат и своите деца и сме поминувале прекрасен ден со дружба, танц на омилени песни, тенис со најдени рекети, собираме освоени поени од собрано ѓубре, учиме за реупотреба на материјали, итн. Неодмна читавме и поезија, сакав да чистиме и маскирани, ама не стигнавме да ја реализираме таа идеја. Повеќето се знаеме меѓусебе, тоа се луѓе од круг со сличен дух и вредности, но ги зацврстивме пријателствата со уште едно заедничко супер искуство“, ни раскажува Билјана.
Повеќето од овие луѓе кои го трошат своето слободно време за да го чистат заедничкото ѓубре од заедничкото Водно, се скопјани, но имало и двајца прилепчани.
Што се однесува до прашањето дали имаат чувство дека нивниот труд е како оној на Сизиф, односно, тие чистат, а луѓето повторно фрлаат, нашата соговорничка вели дека ова е честа тема за која зборуваат и индивидуално секој во себе и заеднички ја дискутираат.
„Сизиф момент има, да, но да речеме – секој пат почнуваме од паркингот пред Св. Пантелејмон и монасите излегуваат за благодарност, често луѓе поминуваат и ги интересира што правиме и самите кажуваат како чистат и тие, со општината имаме коректна и отворена комуникација на темата, жителите на Горно Нерези знаат што правиме и ме комуницираат на темата…секоја постапка го има својот ефект, и не е секогаш предвидливо каков и во кој правец. Може да стратегизираме и правиме ексел, но ова е спонтана и убава можност да се дисциплинира умот, духот и да се воспостави конекција со останати слични луѓе кои во нашава земја ги има. Умот често се фиксира на одреден резултат, како навидум легитимна причина да се откаже. Не е пријатено да се пикаш во долови низ гранки и туѓи ѓубриња со кал, понекогаш и непријатни мириси, па треба да ти е јасно дали го правиш тоа за лајк на фејсбук, валидизација од некого или од срце.
Поднесовме проект за да го исчистиме цело Водно, иако се сомневаме дека ќе добиеме нешто. Инаку, предвидовме 30 акции и една крајна, на врвот. Вклучување на планинарски друштва и школи, поставување на знаци и канти и онлајн кампања. Во тек е нов оглас, ќе поднесеме и за тој слична идеја“, објаснува Билјана.
Во меѓувреме, тие си чистат и, како што вели, собираат ‘артефакти за изложба’.
„Опаковки од пиво и тетрапак сокови постари од мене, пердуви од паун, лева пераја, десно крило од шкода, телевизор, два троседи, бесконечен број на влажни марамчиња, конечен, но значителен број на кондоми, околу 10-тина пара женски гаќи, машки нешто помалку, лична карта, тестови за бременост, детски пелени, теписони, ролетни, женски ташни, мрежасти и регуларни хулахопки, камионска церада…најмногу има опаковки од храна и пијалоци, и на едно место добиваш увид за начинот на кој го живееме животот – за еднократна употреба, пластифициран“, опишува Билјана и додава дека, освен на Водно, имале една акција и во Аеродром, на последна 5-ка.
„Е таму, покрај фотељи, најдовме и коњ, ама штета, беше мртов. Како да беше депонија цел тој предел, темата за ѓубре не само во градот, туку во целата држава, е крајно СЕРИОЗНА и во критична состојба. Чистев и на белиот рај во Гевгелија, на Скопска Црна Гора, дворно место во склоп на Клиничкиот центар…
Не ги знам целосно административно-законските параметри на тема отпад во државата, но знам дека она што го сведочам е дека ваков рај од природа кој го нарекуваме дома, е веќе претворен во дива депонија и активно се движиме во тој правец. Ние продолжуваме еднаш неделно (денот го одредуваме во зависност од временските прилики), а после Водно одиме на следно друго Водно. \
Заинтересираните кои сакаат да ни се приклучат, треба да си донесат свои гумени ракавици и добро расположение и да ги следат на фејсбук, на групата ‘Сметлана’ нашите објави за следна ѓубракција“, порачува нашата соговорничка.