Слоу фуд предизвик: Ќе постиме во петок?

Од утре (петок) здружението за заштита, промоција и едукација за храна- Слоу фуд Водно, го лансира предизвикот #ПосенПеток кој ќе трае следните два месеца како дел од онлајн кампањата „Храна за промени“.

0
203

„Храната е предизвикувач на климатските промени, но храната е и првата жртва на климатските промени.
Секој може да даде мал придонес во ублажувањето на последиците од овој глобален проблем. Секој со индивидуалните одлуки, како ќе ја произведува и што ќе избере да консумира, може да влијае. Придружете ни се на предизвикот #ПосенПеток#ХранаЗаПромени #ДаЗборувамеЗаКлима“, порачуваат од Слоу фуд Водно.

Слоу Фуд Водно утре (03.07.) ќе го лансира предизвикот #ПосенПеток кој ќе трае следните два месеца како дел од онлајн кампањата „Храна за промени“.

Целта на предизвикот е да се влијае на намалување на консумацијата на ефтино, увозно, индустриски произведено месо кое има значително влијание врз климатските промени.

„Нашата цел е да  дадеме придонес  во јакнење на јавната свест за прашањето на климатските промени и нивната поврзаноста со храната која ја произведуваме и консумираме и да иницираме решенија во надминување и адаптација кон оваа глобална криза.

Преку предизвикот #ПосенПеток сакаме да влијаеме на намалување на консумацијата на ефтино, увозно и индустриско произведено месо кое има значително влијание  врз климатските промени. Да започнеме со фактот дека со помалку месо, се создаваат помалку стакленички гасови кои влијаат врз климатските промени. Истовремено, делуваме врз намалување на потрошувачката на значајни ресурси како почва, вода, шума и енергија. Така на пример, системот за производство на месо има поголем придонес за појава на климатски промени од целиот транспортен систем – од сите автомобили, камиони, авиони и возови во светот. Системот за производство на месо користи дури 75% од целата земјоделска површина. За да се произведе само еден бургер од приближно 100 грама потребни се околу 1.600 литри вода, а за истиот тој бургер потребна е енергија која би ја држела батеријата на ајфон цели 6 месеци.

Од друга страна посниот ручек во петок е дел од нашата традиција која треба да продолжиме да ја негуваме, но истовремено е пример да размислиме како да изгледаат нашите оброци од иднината. Штедливи, одржливи, ефтини и здрави оброци кои се добри за вас и се пријатели на планетата.

За таа цел ги покануваме сите во што поголем број да го прифатат предизвикот со хаштаг #ПосенПеток и да го споделат својот оброк, преку слика, видео или рецепт на социјалните мрежи. Ние ќе се потрудиме да ја разбудиме сечија креативност  во кујната со серија на видеа од најдобрите готвачи кај нас и да ве поттикнеме прифаќајќи го предизвикот први. За најкреативните имаме мали изненадувања“, велат од Слоу фуд Водно.

Предизвикот #ПосенПеток е дел од онлајн кампањата на проектот„ Храна за промени како одговор на климатските промени“, спроведуван од Слоу Фуд Водно.

Фото: Pexels