Слатко-луто слатко…слатко или луто?!

Нашите пријатели, Мирјана и Бранко Ангелески, кои ги запознавме како производители на мармалад и сок од шипка, овојпат не изненадија со еден нов производ - лутото слатко од ајварки!

0
583

Мирјана и Бранко Ангелески, нашите пријатели од Слоу фуд, производители на преубавиот мармалад од шипки, не мируваат.

После успехот на мармаладот од шипка, се впуштиле во нова авантура, слатко-лутото слатко од ајварки.

Денеска го дегустираме.

Прво што се чувствува кога ќе го ставите во уста ова слатко, се меките парченца од ајварките, но чувствувате и лутост која е невообичаена за овие дебели меснати пиперки. Мекоста на ајварките изгледа безопасно, а лутото му дава на ова слатко една неочекувана авантуристичка нота.

Ако ги сакате овие комбинации, не може да не ви се допадне. Нашите пријатели, инвентивните пензионери Ангелески, во овој сладок „ајвар“ додале и неколку ароматични природни зачини од типот на каранфилче, ванила и други, за да добијат еден оригинален вкус.

Имавме можност да пробаме една лута варијанта на слатко за време на минатогодишниот саем за храна (Тера Мадре) во Торино, и тоа беше сосема поинакво од оваа македонска варијанта. Италијанското имаше една компактна текстура, како онаа на мармаладот од шипка, додека кај ова овде, можете да ги почувствувате парченцата од ајварките кои, се разбира, сами по себе не се лути, туку лутината се добива од додадените чили пиперчиња.

„Не содржи многу шеќер, а има и малку мед. Го направивме по свое, експериментиравме со зачините и мислам дека добивме вкусен производ“, вели Мирјана.

И ние се согласуваме со неа. А лутото слатко одлично оди со различни видови сирење, најдобро се согласува со горгонзолата, но и со различни видови на месо. Секако, одлично е и само со парченце препечен леб.

Кога ќе го пробате, веројатно ќе заземе почесно место помеѓу вашата зимница и теглите со ајвар.