Очигледно нашите готвачи се вљубени во својата професија па колку и да се фалат дека сега дома можат да се одморат, никој од нив не се откажува од готвењето ниту пак му го препушта на некој друг.
Го прашавме и Бобан Симоновски, инаку шеф на кујна во скопскиот ресторан „Еквилибриум“, како ги поминува деновите во овој период на самоизолација. Иако сега е постојано дома со семејството, сопругата Лидија и синот Јован, тој секојдневно готви и го користи времето за да го подготви сега веќе деветгодишниот Јован да тргне по негови стапки.
„Имав период кога ги потрошив батериите и бев навистина истоштен па иако оваа ситуација не е добра, понекогаш и добро ми доаѓа тој принуден одмор. Сега имаме време да прочитаме некој готвач, да поиграме нинтендо со мојот син и да зготвиме нешто заеднички, појадок, ручек или вечера, за да се научи и евентуално, да тргне и самиот по овој пат. Гурман е и сака да проба сѐ, но сака и да готви, а јас сум горд на тоа. И самиот како мал не излегував од кујната на мајка ми, Јасминка Симоновска, која е професионална готвачка. Кога мајка ми готвеше дома, а особено кога се правеа слатки, буквално не излегував од кујна, а сега го препознавам истото кај син ми. Секој ден го поминуваме заедно, готвејќи, читајќи, играјќи, а периодов го прославивме и неговиот деветти роденден“, вели шеф Бобан.
Иако во нормални околности готвењето е обврска на неговата сопруга, сега, кога е тој дома, не излегува од кујна, особено задоволен што покрај себе има одличен асистент.
„Јован сакаше да ми помага и кога беше помал, а сега веќе многу работи знае и самиот. Сепак, роденденската торта решивме да ја нарачаме од безбедно и испробано место, од нашите пријатели од слаткарницата „Шарлота“, а ние да го искористиме денот за да се забавуваме. Иако за првпат правиме роденден сами, само ние тројца, и Јован и ние, одлично се забавувавме. Значи, дури и детските роденденски прослави за време на самоизолација, можат да бидат забавни доколку се родителите позитивни и оптимистички расположени. Да издржиме сите заедно дома за да заврши што побрзо овој налудничав период, а во меѓувреме, уживајте со семејството и седете дома“, порачува шеф Бобан.