Сенфот е намирница без која модерната кујна не може да се замисли, иако, првиот пишан запис во кој се споменува датира од пред 5.000 години. Интересно е да се спомене дека во Новиот завет царството небесно се споредува со семето од синап. Сенфот им бил познат на Египќаните, а старите Грци и Римјани го користеле и за конзервирање. Познатиот математичар Питагора рекол дека сенфот го изострува умот. Италијанците го консумираат со печена риба, Англичаните со говедско, а Германците со веќе традиционалните колбаси. Сепак, најпознат е оној сенф кој се прави во Дижон, во Франција.
Последните години сенфот кој до скоро беше во сенката на мајонезот и кечапот, почна да се наметнува како здрава и вкусна алтернатива на овие класични, нездрави намази.
Се разбира, ова се однесува на домашниот сенф, без вештачки бои, ароми и конзерванси.
Како се прави сенф?
Сенфот потекнува од Индија, а денес може да се најде во различни делови на Европа, Азија, Блискиот Исток и Медитеранот. Римјаните први подготвиле сенф – паста од семе од синап, по рецепт од првиот век од нашата ера. Денес, за да се подготви сенф, семките од синап претходно се натопуваат во вода, вино, јаболковача, сок од грозје или оцет. Потоа се мелат и се претвораат во каша. Во текот на обработката, температурата не треба да надминува 30ºC, за да не испарат есенцијалните масла од семето, кои му даваат специфичен вкус на сенфот. Покрај сол, во сенфот се додаваат и билки по вкус: босилек, нане, зфеферони, рен, сок од лимон,….
Сенфот денес може да биде зачинет, но и сладок – во зависност од зачините. Разликуваме благ и јак сенф. Благите се добиваат од неизлупени семиња, додека со обработка на излупените семиња се прават т.н силни сенфови. Острината на сенфот зависи од количината на црн синап. Од силните сенфови, Дижон е најпопуларен во светот, а од благите Бордо. Германските сенфови обично се потемни – заради учеството на црн синап во составот, а се различни по јачина. Американскиот сенф е направен од бел синап со оцет, шеќер и зачини.
Како да направите домашен сенф?
Потребни ви се:
2/3 шолја семки од синап (горчица)
1 шолја сок од лимон
1/3 шолја млака вода
1 лажичка сол
зачини по желба (мајчина душица, рузмарин и куркума или кари)
Приготвување:
Измешајте го сокот од лимон со водата и потопете го семето во течноста. Оставете го да стои 3-4 дена. Семето ќе ја впие цела течност па потоа треба само да ја смелете оваа смеса до саканата структура и да ѝ додадете сол и зачини.
Се препорачува вака направениот сенф да се остави во фрижидер 2-3 дена, за да биде повкусен, а во меѓувреме синапот ќе изгуби од лутината.
Инаку, сенфот, за разлика од мајонезот и кечапот има многу малку калории. Една лажичка сенф има само три калории. Во сенфот не се додава шеќер па ако сакате да ослабнете, а не можете да се откажете од овие додатоци, дефинитивно, наместо мајонез и кечап, почнете да користите сенф кој можете да го јадете колку што сакате. А секоја здодевна диетална храна може да биде поинтересна и повкусна со малку сенф.
Што содржи семето од синап?
Енергетската вредност на семето од синап е 469 kcal на 100 грама. Бидејќи се работи за зачин кој се консумира во помали количини, треба да се напомене дека една кафена лажичка семки содржи 31 kcal. Сенфот содржи 25 отсто протеини, 29 отсто масти и 35 отсто јаглехидрати. Содржи 6,8 проценти вода. Прехранбените влакна се содржани во количина од 14,7 отсто. Семето од синап се смета за добар извор на омега – 3 масни киселини. Значајна е содржината на минерали, како што се железо, калциум, цинк, манган и магнезиум. Од витамините, важно е да се спомене содржината на ниацин. Секако, од особено значење е содржината на ароматичните масла и гликозидот синалбин кој дава чувство на топлина во устата. Семето од синап содржи поголеми количини на глукозинолат.
Состав на сенфот
Сенфот како паста содржи многу повеќе вода – 80 отсто, а неговата калориска вредност е многу помала и изнесува околу 75 kcal. Содржи 4,7 проценти протеини, 6,4 проценти јаглени хидрати и 4,6 проценти маснотии. Сенфот е богат извор на протеини и селен. Завидна е и количината на витамин Е присутна во оваа намирница. Од минералите треба да се истакнат магнезиумот, железото и фосфорот, а од витамините Б1, Б6, ниацин и витамин Ц.
Сенфот и здравјето
Позитивниот ефект на супстанциите што се дел од сенфот е докажан кога станува збор за спречување на растот на клетките на туморот, особено во случај на органите за варење. Селенот што го содржи може да помогне и во спречување на појава на напади на астма, ревматски заболувања, како и во спречување на малигни заболувања. Содржаниот магнезиум може да биде корисен во третманот на висок крвен притисок, главоболки, како и во превенција на болести на срцето и крвните садови и дијабетес.
Остриот мирис на сенфот може да придонесе за прочистување на синусите и подобрување на апетитот. Исто така, не треба да се заборави дека сенфот може да има и антибактериско дејство, а неговото консумирање може да помогне и во спречување на надуеноста.
Антивоспалителни својства
Во повеќето сенфови кои се консумираат на овие простори се додава куркума како засилувач на бојата и вкусот, а знаеме дека куркумата е извор на куркумин, состојка за која неколку истражувања потврдиле дека има силни антивоспалителни својства. Исто така, куркуминот веќе некое време се проучува и заради својата улога во намалувањето на ризикот од рак, особено рак на дојки, дебело црево и простата.
Помош кај реума и артритис
За кој вид на сенф и да се одлучите, нема да згрешите. Во денешно време постојат навистина многу варијации, и речиси е невозможно да не најдете барем една што ќе ви се допадне.
Чувството на болки во зглобовите им е добро познато на повеќето. Болните колена, рамења, лактите, вратот, .. можат да бидат последица на стрес, траума, преоптоварување, скршеница, артритис, ревматизам,… но постои домашна маст од руската народна медицина која може да ја ублажи болката при првото нанесување.
Исклучително лесно се подготвува, а сите состојки веќе ги имате во кујната.
1 лажица мед
1 лажица лут сенф
1 лажица ситна сол
1 лажица вода
Приготвување:
Измешајте се убаво додека не добиете хомогена смеса. Ставете во празна кутија од крема или во друго пакување.
Примена:
Добро подмачкајте го болното место и ставете најлонска кеса и врзете ја со топла, по можност волнена марама. Оставете ја да стои 1,5-2 часа.
Постапката е најдобро да се направи пред спиење, такашто по отстранувањето на облогата, болниот зглоб останува во мирување.
Исплакнете наутро.
Не се ограничувајте на еден третман, повторувајте го 4-5 дена по ред. Ефектот ќе го почувствувате по првата примена. Потоа повторете по потреба.
Маста ќе биде доволна за неколку дена. Чувајте ја во фрижидер.
Дејство:
Сенфот е вкусен зачин направен од лековитата билка горчица. Освен што се користи против болни зглобови, можете да го користите и за други цели:
Кога ќе се изгорите, нанесете подебел слој и болката ќе исчезне.
Ако имате главоболка, намачкајте сенф на челото и слепоочниците.
Кога ќе настинете и ќе ве гребе грлото или сте засипнати, земете една лажичка сенф.
Фото: Pixabay