Сенф за вкус, ама и за здравје

Добар е за диета бидејќи има само три калории во лажичка сенф, а има и антиканцерогено дејство.

0
915

Последните години сенфот кој до скоро беше во сенката на мајонезите и кечапите, почна да се наметнува како здрава и вкусна алтернатива на овие класични, нездрави намази.

Се разбира, ова се однесува пред се на домашниот сенф, без вештачки бои, ароми и конзерванси.

Како се прави сенф?

Потребни ви се:

2/3 шолја семки од синап (горчица)

1 шолја сок од лимон

1/3 млака вода

1 лажичка сол

зачини по желба (мајчина душица, рузмарин и кари)

Приготвување:

Измешајте го сокот од лимон со вода и потопете го семето во течноста. Оставете го да стои 3-4 дена. Семето ќе ја впие цела течност па потоа треба само да ја смелете оваа смеса до саканата структура и да ѝ додадете сол и зачини.

Се препорачува вака направениот сенф да се остави во фрижидер 2-3 дена, за да биде повкусен, а во меѓувреме синапот ќе изгуби од лутината.

Инаку, сенфот, за разлика од мајонезот и кечапот има многу малку калории. Една лажичка сенф има само три калории и воопшто масти. Во сенфот не се додава шеќер па ако сакате да ослабнете, а не можете да се откажете од овие додатоци, дефинитивно, наместо мајонез и кечап, почнете да користите сенф кој можете да го јадете колку што сакате. А секоја здодевна диетална храна може да биде поинтересна и повкусна со малку сенф.

Превенција на рак

Семките од синап спаѓаат во групата растителни видови од родот Brassica, во кој помеѓу другите спаѓаат и брокулата и зелката. Овој зеленчук е познат по високиот процент на глукосинолат, состојка за која се верува дека има силни антиканцерогени својства.

Сенфот е богат и со фосфор, магнезиум, селен, натриум, витамин А, како и со протеини.

Антивоспалителни својства

Во повеќето сенфови кои се консумираат на овие простори се додава куркума како засилувач на бојата и вкусот, а знаеме дека куркумата е извор на куркумин, состојка за која неколку истражувања потврдиле дека има силни антивоспалителни својства. Исто така, куркуминот веќе некое време се проучува и поради својата улога во намалувањето на ризикот од рак, особено рак на дојки, дебело црево и простата.

Помош кај реума и артритис

Бидејќи куркуминот има и силно антиоксидативно дејство, помага за намалување на болките во зглобовите како и за воспаленијата поврзани со ревматоиден артритис. Некои студии покажале и дека би можел да помогне во превенцијата на Алцхајмер.

За кој вид на сенф и да се одлучите, нема да згрешите. Во денешно време постојат навистина многу варијации, и речиси е невозможно да не најдете барем една што ќе ви се допадне.

Фото: Pixabey