Алергијата на храна најчесто подразбира од менито да се исфрлат намирниците што предизвикуваат алергија. На лицата кои имаат нутритивна алергија генерално им се препорачува да јадат помалку белки, чоколадо, кикирики, јагоди и шумско овошје, коцки за супа и конзервирани производи, мед, морска храна, пиво, домати, сирење…
Интолеранцијата се смета за поблаг облик и не бара трајно исфрлање на одредена намирница од исхраната, како на пример, алергијата на глутен. Луѓето со дијагностицирана целијакија доживотно треба да бидат на строга безглутенска исхрана, додека оние кои имаат пречувствителност на глутен, во одреден момент повторно ќе можат да јадат пченични производи. Нивото на антитела во крвниот тест за интолеранција на храна обично одредува и на колку време е потребно да се исфрли од исхраната одделна намирница.
Кога сомнителната храна ќе се исфрли од исхраната, сите непријатни симптоми обично исчезнуваат. Потоа можете да се обидете постепено, во помали количини, да враќате одделна намирница во менито. Околу 25 проценти интолеранции се поврзани со интолеранција на глутен, 15-17 проценти се резултат на интолеранција на млечни протеини, а другите интолеранции се застапени во приближно еднаков процент.
Секоја намирница може да се замени со нутритивно еднакво вредна храна што нема да предизвикува реакција во организмот.
Ако избегнувате глутен
Интегралните, необработени цели зрна се важни во исхраната бидејќи содржат растителни влакна и витамини од групата Б. Луѓето кои не можат да јадат глутен всушност не можат да јадат пченица, јачмен, ‘рж, најчесто овес, а овие зрна лесно може да се заменат со пченкарно брашно, кафеав ориз, просо, хељда, лен, амарант и киноа. Досега, хељдата главно се сметала за житарка без глутен, но се бележат и алергии на хељда. Таа не е честа, но може да предизвика сериозни реакции слични на оние какви што предизвикува алергијата на кикирики. Важно е да внимавате при одгледувањето, преработката и складирањето дозволените зрна да не се во контакт со пченица, односно, со глутен.
Ако сте алергични на кравјо млеко
Луѓето со алергии и преосетливост на млеко реагираат на шеќерот од кравјото млеко – лактоза или млечни белковини казеин или сурутка. Како замена се користат оризово, бадемово или млеко од соја, но бидејќи не можат целосно да ја компензираат хранливата вредност на кравјото млеко, се препорачува да се јадат намирници богати со калциум, како што се лиснат зеленчук, мешунки, овошје и риба.
Ако не јадете риба и школка
За разлика од сојата или јајцата, кај кои алергиските реакции ослабуваат со возраста, алергијата на риби и школки се смета за многу силна алергија. Рибата е вреден извор на омега-3 масни киселини, кои се важни за здравјето на срцето и крвотокот. Оние кои не можат да јадат риба и школки, можат да ги заменат со хранливите состојки во пилешкото, лененото семе, оревите или додатоците на исхрана со омега-3.
Ако не јадете кикирики и јаткасти плодови
Протеините од јаткастите плодови може да предизвикаат многу тешки алергии и анафилактичен шок. И кикириките, кои не се јаткаст плод, туку зеленчук од семејството на мешунките, исто така можат да предизвикаат многу проблеми. Алергијата на кикирики е една од петте најчести алергии на храна кај деца и возрасни. Оваа намирница богата со цинк, железо и магнезиум, е важен извор на протеини во исхраната, а гравот, пилешкото и рибата се јадат како нивна замена.
Ако не јадете јајца
Јајцата се вреден извор на протеини кои целосно се искористуваат во нашето тело, некои незаситени масни киселини, селен, фосфор и витамини од групата Б, холин и лутеин (жолчка), поради што се одлична намирница за здравјето на мозокот и очите. Покрај тоа што содржат холестерол, кој обично го имаме премногу во организмот, јајцата се и на врвот на намирници што предизвикуваат алергиски реакции, особено кај децата. Протеините се дел од балансираната исхрана, а освен од јајца, можеме да ги добиеме ако јадеме повеќе риба, пилешко и мешунки. Јајцата во колачите и печивата може да се заменат со чиа семе и тоа такашто една лажица чиа семе се меша со две до три лажици вода и се остава пет до десет минути.
Ако не јадете соја
Некои производи од соја можат да предизвикаат алергии, а некои, како соиното масло, не се алергени. Меѓутоа, сојата е многу честа во другите намирници (месо и пекарски производи, чоколадо, житарки), па затоа понекогаш не е лесно да се избегне. Како и јајцата, сојата може да се замени во исхраната со месо, риба, мешунки, а млекото од соја, со млеко од ориз или бадеми.
Фото: Pexels