Состојки:
500 г интегрално брашно
500 г бело брашно
1 свеж квасец
1 лажичка сол
1 лажичка шеќер
600-700 мл млака вода
2 лажици ладно цедено сочогледово масло
1 лажица црно семе (или некои други семки по ваш избор)
Приготвување:
Додека чекате да ви зоврие водата за кафе, ставете го квасецот во 100 мл млака вода и размешајте го убаво, додадете лажичка шеќер и лажичка брашно.
Додека го пиете кафето и почнувате да работите, квасецот ќе стасува.
Истурете го интегралното и половина од белото брашно во тепсија, ставете лажичка сол и во средината истурете го надојдениот квасец, две лажици масло и лажица црно семе. додавајте уште од водата и од брашното се додека не добиете тесто кое нема премногу да се лепи и од кое ќе можете да обликувате топче. Покријте го со крпа и оставете го да стаса.
За тоа време, вие ќе продолжите да си работите.
После некое време, откако тестото ќе стане двојно поголемо, размесете го уште еднаш и поделете го на пет топчиња.
Ставете ги во тепсија врз хартија за печење и оставете ги да стасуваат уште 30-40 минути.
Со нож сецнете ги малку по должина и ставете ги да се печат во загреана рерна на 200 степени.
Слободно работете си, а после половина час проверете дали се веќе готови. Можеби ќе биде потребно да се допечат уште 5-10 минути, во зависност од рерната.
Кога ќе ги извадите, попрскајте ги со вода и покријте ги со крпа.
И ќе имате домашен леб, убав, миризлив, вкусен…