Денеска, 20. октомври, се прославува Меѓународниот ден на готвачите, чија професија важи за една од најстарите професии на светот. Имено, првите рецепти се зачувани уште од времето на древните цивилизации. Затоа, не е тешко да се открие што сакал да јаде еден царот или фараон пред илјадници години.
На крајот на средниот век, Италија станала центар на кулинарската извонредност. Во Русија, професијата готвач се појавила во 11 век, а кулинарската уметност како посебна наука се појавила дури во 18 век, кога Санкт Петербург станал средиште на кулинарскиот развој.
Меѓународниот ден на готвачите почнал официјално да се одбележува во 2004. година, во повеќе од 70 земји на светот. На овој ден готвачите организираат дегустации на разни јадења, изложби, а исто така организираат натпревари во вештини, споделувајќи го своето искуство во готвењето необични јадења. Овој датум е утврден како празник во 2004. година на иницијатива на Светската асоцијација на кулинарски заедници (Worldchefs). Оваа организација вклучува повеќе од 8 милиони претставници на кулинарската професија од различни земји …
Од 2004 година, Worldchefs е посветена на користење на Меѓународниот ден на готвачите за да ја прослави оваа благородна професија, секогаш нагласувајќи дека нивна должност е да ги пренесат своите знаења и кулинарски вештини на следната генерација готвачи со чувство на гордост и посветеност како залог за иднината.
Во последниве години, Worldchefs се посветила на организирање забавни работилници за деца низ целиот свет за да ги научи децата ширум светот за важноста на здравата исхрана. Со оглед на годинешната состојба на пандемија, кога имањето силен имунолошки систем и консумирањето храна што го „намалува стресот“ се најпотребни досега, темата на кампањата за Меѓународниот ден на готвачите 2020. е здрава храна за иднината!
Се повикуваат готвачите во целиот свет да го направат Меѓународниот ден на готвачите 2020. година – најдобрата година досега!
„За да се обезбеди здрава планета за идните генерации, од витално значење е да започнеме да ги учиме нашите деца за влијанието што производството и потрошувачката на храна навистина го имаат врз животната средина. Поради оваа причина, нашата тема за Меѓународниот ден на готвачите оваа година е насочена кон одржливоста и животната средина. Ние сакаме да ја искористиме оваа можност да ги научиме децата на здрава исхрана, оставајќи им да бидат креативни во храната. Се повикуваат сите готвачи од целиот свет да организираат во својот регион работилница на темата: Здрава храна за иднината. Тоа може да биде настан за вашите деца или настан за група деца во градинка или во училиште затоа што секое дете е важно и важно е сите деца добијат можност да научат и да уживаат во здравата храна!“, велат од организацијата на готвачите.
За таа цел подготвен е материјал, кој може да се преземе на следниот линк: https://www.internationalchefsday.worldchefs.org/.
„Прирачникот секако не е задолжителен затоа што веруваме дека знаењето насочено кон одржливоста и животната средина, како и здравите рецепти за своето поднебје можете успешно да им ги пренесете на најмладите. Одвојте малку време за иднината и унапредување на професијата, едуцирајте се себеси, вашиот персонал, учениците и вашата заедница бидејќи со знаење можеме поодговорно да создадеме соодветно образование за идните млади готвачи и слаткари“, порачуваат тие.
Фото: Pexels