Светот за Свет без глад

„Тест за нашиот напредок не е дали ќе додадеме повеќе на изобилството на оние кои имаат многу; туку дали обезбедуваме доволно за оние кои имаат премалку“, рекол Френклин Рузвелт. Токму ова е мислата на која треба да се потсетиме денеска, на Светскиот ден на храната 2019 чие мото е: „Нашите активности се наша иднина“.

0
149

Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите Нации, позната како ФАО е основана во 1945 година со цел да ги обедини сите нации во борбата против гладот. ФАО го слави својот роденден на 16 октомври, кој е познат како Светски ден на храната.

На овој ден над 130 земји се здружуваат за да ја чествуваат својата заедничка цел: Свет без глад и без сиромаштија, во кој секој може да води здрав живот. Целта за светот без глад (#ZeroHunger) е во сржта на Целите за одржлив развој на Обединетите Нации што треба да се остварат до 2030 година.

За жал, гладот во светот е во подем и секој ден, над 800 милиони луѓе се мачат да дојдат до каква било храна, и ризикуваат да гладуваат. Мисијата за свет без глад има за цел оваа вџашувачка бројка да ја сведе на нула. Бразил беше првата земја што се нафати со овој предизвик во 2003 година, кога владата помогна милиони луѓе да излезат од сиромаштијата и гладот. ФАО им помага на земјите да се борат против гладот уште од 1945 година, a светот без глад и понатаму останува мисија број 1 за ФАО.

За остварување на оваа мисија потребни се неколку работи:

Достапност на храната, односно, да се гарантира пристапот до здрава храна за секого, секој ден. Од нас луѓето зависи дали храната ќе се распредели правично, никој да не остане со празни раце!

Добра исхрана: да се води сметка сите луѓе да ги добијат сите хранливи состојки што им се потребни и да се поттикнуваат одговорни, еколошки навики во исхраната. На тој начин ќе се воспостави рамнотежа помеѓу оние што јадат премногу или се хранат лошо, и оние кои немаат доволно храна.

Одржливо земјоделство: употреба на нивите, шумите, океаните и сите други природни ресурси неопходни за производство на храната, без да ѝ се нанесе штета на планетата. Одржливо, бидејќи производството на храна треба да ја почитува животната средина, сосе луѓето и животните што живеат во неа, во спротивно нашите ресурси нема да траат!

Искоренување на сиромаштијата: бидејќи сиромаштијата е честопати непосреден причинител за лошата исхрана, а луѓето кои не може да си дозволат здрава храна, или храна воопшто, претежно, и полесно заболуваат. Во суштина, здрав начин на живеење е резултат на социјалниот и економскиот напредок.

Светот без глад е втората од 17-те Цели за одржлив развој (ЦиОР) на Обединетите Нации. Нациите, приватните компании и граѓаните ширум светот напорно работат на остварување на 17-те цели до 2030 година, почнувајќи од сиромаштијата и гладот.

Темата на годинешното одбележување на Светскиот ден на храната – „Нашите активности се наша иднина“, е дизајнирана за да ги поттикне луѓето од сите сфери на општеството да преземат акција за превенција од глад, заштеда на храна и разбирање на хранливите вредности.

Денеска, пред хотел Мериот од 10 до 15 часот ќе биде поставен штанд на Црвен крст кадешто хуманите граѓани и општествено одговорните компании ќе можат да оставаат донации на храна.

Фото: Pixabey