Свежа туна покрај море….замрзнат октопод, ако нема море

Замислете да славите 35 години откако сте заедно со саканиот/саканата, и тоа покрај море. А за свечениот ручек да ви послужат туна уловена пред само неколку часа... Ех, за некои луѓе ова не се само сништа. А вам, ако баш ви се јаде нешто морско, а летово не одите на море, ви препорачуваме да си купите замрзнат октопод...еве како го спремивме ние

0
269

Во приказнава за свежата туна поинтересна е приказната на нашите читатели Марина и Ивица. Станува збор за Македонка и Хрват кои се заедно веќе цели 35 години и сѐ уште имаат желба да си го прославуваат денот кога се вљубиле. Ама нас како портал за гастрономија сепак повеќе не интересира она што се наоѓа на нивната славеничка трпеза. А тоа е – стек од туна, но не било каква, туку тукушто извадена од море.

Ете тоа е привилегијата на оние кои барем одвреме навреме живеат на море. Имаат свое место покрај морето кадешто секое утро рибарите испорачуваат свежа морска риба.

Нашата сограѓанка Марина пред 35 години на еден годишен одмор со другарките на убавиот Брач, го сретнала својот животен сопатник, загрепчанецот Иван.

Сега, за 35.годишнината од денот кога само се погледнале и се вљубиле, наместо на Брач, тие се на Хвар, кадешто речиси 2 децении ги минуваат летните одмори, но и оние подолгите, зимски празници бидејќи таму си имаат и свое мало катче покрај море.

За преубавото парче свежа туна пак на славеничката маса, од рецепт и немаше потреба – се знае, со вакво парче не ви требаат многу марифети.

Кај нас најсвежата туна која може да се најде е онаа замрзнато-одмрзната па демек свежа која може да се најде во нашите рибарници. Затоа, ако сакате навистина свежа риба, во нашава државичка без море, јадете си речни и езерски риби, а во свежа туна уживајте онаму кадешто сте сигурни дека ќе ја добиете навистина свежа – таму негде покрај некое море.

Сепак, ако баш се зажелевте за морска храна, а летово нема шанси да одите на море, купeте замрзнат октопод. Имено, октоподот е една од ретките морски намирници што се многу подобри, помеки и повкусни ако се подготват после замрзнување, отколку свежи.

Еве што ви е потребно за оваа морска храна која можете да си ја направите и тука, во градот кој нема море, ама има добро снабдени рибарници и маркети.

Потребни состојки:

1 октопод со средна големина, замрзнат

½ кг компири

1 главица лук
1 чаша црвено вино
¾ чаши маслиново масло
Сол, црн пипер, свеж магдонос

Приготвување:

Извадете го октоподот и оставете го да се одмрзне преку ноќ.

Пред да почнете да го приготвувате вклучете ја рерната да се загрее на 200С, измијте го октоподот и ставете го на средина на садот за печење, а околу октоподот наредете ги компирите и лукот. Зачинете сè добро со сол и црн пипер, прелијте ги со маслиновото масло и виното, а потоа покријте го со алуминиумска фолија и добро затворете.

Ставете сè заедно во рерната и оставете го да се пече 1 час и 15 минути, или додека октоподот не стане мек. Последните 15 минути, печете го октоподот без фолија за да добиете крцкава кора.

Совет: Ако сакате крцкави компири, можеби ќе треба да истурите малку од течноста, но што се однесува до нас, вистинска штета би било да се истура од сосот, а и компирите не се лоши кога се помеки.

Забелешка: Ако се плашите дека октоподот ќе биде жилав, пред да го ставите во рерната, сварете го во солена вода околу 15 минути.