Сакате шарена или бела леблебија?

Дали сакате да грицкате леблебии, а секогаш се двоумите помеѓу шарена и бела? Нема некоја голема разлика...Прочитајте го објаснувањето на господин Шериф Ибиши во чие семејство леблебиџилството било традиција со генерации.

0
501

Леблебијата/наутот е мешункасто растение, кое се користи во исхрана на луѓето. Семето на леблебијата е слично на семето на сојата или на сушеното зрно од грашок, се користи како вариво или како додаток на друг зеленчук при приготвување на храна. Најпознати јадења од наут ширум светот се хумусот и фалафелот, а од него, кога ќе се смеле во брашно, се прават и печива. Најпопуларни се потпечените зрна од наут, кои се грицкаат, многу често во комбинација со суво грозје и се познати како леблебија. Исто така препечените и смелени зрна од наут се користат и како напиток во мешавина со кафе.

Леблебијата е вид мешунка која претставува одличен извор на протеини, витамини и минерали. Од минерали, леблебијата содржи големи количини железо. Дури и варената леблебија содржи двапати повеќе железо од истата количина на месо. Во оваа мешунка се содржат и големи количини на калциум, кој ги јакне коските, магнезиум кој е добар за регулирање на притисокот, манган, фосфор, цинк, витамини од Б групата и други корисни состојки.

Поточно, една чаша од оваа намирница ни обезбедува 50% од дневните потреби на организмот за калиум, 2% од витаминот А, 13% од витаминот Ц, 69% железо, 55% од витаминот Б6 и 57% магнезиум. Покрај тоа, леблебијата содржи и витамин К, фолна киселина, фосфор, цинк, бакар, манган и селен.

Инаку, има повеќе типови на леблебија, а најчесто кога ја купуваме не прашуваат: шарена или бела? За оние кои не ја знаат разликата, го прашавме да ни ја објасни господин Шериф Ибиши.

„За да се обработи наутот и да се дојде до крајниот производ – леблебии за грицкање, односно, печени леблебии, потребни се околу два месеци.

Прво наутот се пече еднаш, потоа одлежува 20-тина дена, па пак се пече и пак одлежува, а потоа кисне во вода, лушпата паѓа, и дури по третото печење се добива финален производ – леблебиите какви што ги знаеме. А потоа, дали леблебијата ќе биде шарена или бела зависи само од тоа дали сте ја потпекле уште еднаш или не. Претпоставувате, шарена е онаа што е уште еднаш потпечена“, ни објасни г.Ибиши, ни помеша 200 грама леблебии со 100 грама суво грозје и ни порача – повелете пак, во ова мало дуќанче има уште многу интересни приказни.