Сакате хумус…. од цвекло?

За цвеклото и за неговите здравствени придобивки се пишува многу, но секогаш има уште нешто. На пример, ако сте љубители на најпознатиот намаз од наут, тогаш испробајте го овој рецепт кој ќе го препороди вашиот црн дроб.

0
410

Овој намаз или го сакаат или не го сакаат, а особено е популарен меѓу вегетаријанците и веганите.

Хумусот е едноставен намаз од наут, маслиново масло, лимонов сок и сол, и е исклучително хранлив и корисен?

На пример, помага во регулација на нивото на шеќер во крвта, поради нискиот гликемиски индекс на главната состојка на хумусот: наутот. Хранливите влакна во хумусот и сложените јаглехидрати кои ги содржи, го регулираат нивото на шеќер кој се ослободува во крвта и така помагаат во контрола на дијабетесот. Затоа се препорачува како дел од менито за исхрана кај дијабетичарите.

Бидејќи е богат со протеини,  може да ви помогне во контрола на апетитот и особено е полезен за намалување на потребата од постојано грицкање. Исто така, железото кое го содржи хумусот помага во зголемување на енергијата.

Хумусот содржи голем број на хранливи влакна кои помагаат во одржување на дигестивното здравје. Особено се покажал како корисен во борбата против констипација и полесно движење на храната низ дигестивниот систем.

Наутот е извор на аминокиселини кои се многу важни во градење на здрави мускулни влакна. Амино киселините телото ги користи во процесите како што е градење на мускулна маса, обнова на ткива и продукција на енергија.

Освен основниот рецепт за хумус, постојат многу различни варијации, а една од нив е овој од цвекло кој благодарение на лековитите својства на цвеклото кои го поддржуваат здравјето на црниот дроб, а познато е и по тоа што го подобрува процесот на детоксикација, ќе го препороди вашиот црн дроб.

Состојки:

2 цвекла со средна големина или 3 помали
1 конзерва наут
Сок од ½ лимон
5 чешниња лук
½ лажичка сол
¼ шолја маслиново масло
¼ шолја вода

Приготвување:

Варете ги цвеклата додека не омекнат, односно, околу 40 минути. Откако ќе се сварат, измијте ги под млаз ладна вода, излупете ги и исечете ги на поголеми делови.
Ставете ги заедно со останатите состојки во блендер и тоа е тоа.
Послужете со чипс од зеленчук, крекери од ориз или со свежо печено лепче.

Фото: Unsplash