Розите не се само за мирисање: Дали сте правеле сок од рози?

Розите имаат и доста лековити својства, па така на пример, ја подобруваат функцијата на машките и женските репродуктивни органи, ја зајакнуваат потенцијата и ефикасно ги чистат црниот дроб, бубрезите и слезината. Рецептите за сок и сируп од рози се од нашата најверна читателка - Викторија Симиќ

0
598

Розите се полни со противречности! Но, јас бев премногу млад за да знам да сакам, се зборовите на Малиот принц од Антоан де Сент Егзипери.

Сите ја знаеме онаа прекрасна посебна роза на Малиот принц, а веројатно многу од вас како деца си играле правејќи сок од розите во градината. Речиси нема човек што не сака да добие букет рози, особено оние розевите, најмиризливите.

Би се рекло дека не е тешко да се сака розата, сепак таа е позната како кралица на цвеќето, но дали знаевте дека освен убавината, има и многу други придобивки.

Ајурведата има длабоко почитување кон розата, поради нејзината способност да го зајакне срцето и да ги балансира умот и емоциите. Розата има и лековито и антиинфламаторно дејство на дигестивниот систем.

Поради своите лековити својства се користи како тоник за крвта, стимулатор на варењето, афродизијак, регулатор на менструалниот циклус кај жените и за подмладување на кожата.

Ја подобрува функцијата на машките и женските репродуктивни органи, ја зајакнува потенцијата и ефикасно ги чисти црниот дроб, бубрезите и слезината.

Розата како лек од дамнина

Грците ја користеле розата како тоник, а Плиније навел 32 лекови кои ги направиле Римјаните од неа, вклучувајќи го и видот на розата што ја чувале како лек за каснување од диво куче.

Розите се поврзувале со радост и со вино. Ливчиња од роза биле расфрлувани во празничните денови. Римјанките по капењето се покривале со сушени ливчиња од роза, им даваа на очните капаци сјај со масло од роза, а за попријатен здив јаделе топчиња од рози.

Авицена, арапски лекар од 10 век, бил првиот што направил розина водичка.

Кога ја користите розата за да направите сок од роза или одредени препарати, земете ги оние многу најмиризливите, кои цветаат кон крајот на мај. Тие се познати како мајски рози, шеќерни рози или едноставно рози за сок или слатко.

Доколку досега не сте правеле, еве еден рецепт за сок од рози:

Состојки:

Ливчиња од рози

Голема тегла

Лимонтус

Шеќер

Вода

Приготвување:

Одвојте ги ливчињата на розата од петелките и ставете во тегла од пет литри. Ставајте ги ливчињата такашто теглата да е повеќе од половина полна. Додадете два лимонтуси и наполнете со вода. Ливчињата ќе се кренат на врвот. Покријте ја теглата со тацна од кафе или со фолија. Никогаш не ги затворајте теглите со капак, затоа што сокот ќе се скисели и ќе мувлоса. Оставете ја теглата на сончево место десетина дена, сѐ додека водата не стане розова и ливчињата целосно не ја изгубат својата боја и стануваат сивкасти.

Исцедете го добиениот сок и измерете колку течност сте добиле. Колку литри течност имате, толку шеќер додавате во течноста.

Измешајте сè убаво и оставете на ладно место за целосно да се стопи шеќерот. Истурете го сокот во шишиња и добро затворете.

Она што ќе го добиете е сируп од рози. Доколку сакате, разредете го со вода и сервирајте со неколку парчиња лимон и неколку коцки мраз. Зачувано на овој начин, може да стои во фрижидер неколку месеци.

Дел од сокот можете да ставите и во пластични шишенца и да го замрзнете и така можете да го пиете цела година. Ако не сакате сируп, не морате да му додавате шеќер во текот на подготовката, туку пред послужување заблажете го со шеќер или уште подобро, со мед.

Уште еден начин за приготвување сируп од рози:

Состојки:

25 дкг ливчиња од рози

2,5 кг шеќер

2,5 л вода

Приготвување:

Исчистената роза ставете ја во тенџере, прелијте ги со ладна вода и ставете ги да се варат околу еден час. Кога водата ќе добие боја на роза и ливчињата ќе станат бели, исцедете ја во веќе подготвениот шеќер. Фрлете ги ливчињата од роза и продолжете да го варите сокот заедно со шеќерот. Кога ќе зоврие и ќе ви остане 1/2 од почетната количина, тргнете го сокот и оставете го да се излади покриен со влажна крпа. Кога ќе се излади, префрлете го во шише и затворете. Сирупот се раствора со ладна вода. Послужете со парчиња лимон и неколку коцки мраз.