Почнува сезоната на шпаргли. Кај нас, за жал, не се многу популарни, ниту пак ги имаме во изобилие, а уште помалку можеме некаде шетајќи случајно да наидеме на нив и да си ги набереме. Ама затоа, некаде на земјинава топка е можно и тоа. Од едно такво, од сончевиот хрватски остров Хвар, добивме тазе фотографија и рецепт за омлет со свежи шпаргли кои нашата читателка Марина Луетиќ, Македонка која повеќе од три децении живее во Хрватска, ги набрала шетајќи се во малата шумичка над нејзината куќа.
Таа и сопругот со нив си направиле превкусен омлет.
Младото кромитче се пропржува на маслиново масло. На шпарглите им се отстранува тврдиот дел, а мекиот се преполовува, па шпарглите се додаваат кај кромитчето на 3 до 5 минути и на крајот се додаваат изматените јајца. Кој сака, вели Марина, може да додаде и пршут, ама ние го направивме омлетот без него.
Инаку, шпарглата (аспарагус) е зеленчук кој е сѐ уште релативно непознат на нашите простори, а нивната сезона е токму сега. Имено, шпарглите се берат меѓу април и јуни, во зависност од временските прилики, меѓутоа, ако температурите биле благи во февруари, сезоната се смета за почната.
Ги исфрла токсините од телото, го олеснува мокрењето, го намалува холестеролот, крвниот притисок и ја подобрува функцијата на срцето.