Незнам дали ја памтите Андерсеновата бајка во која кралицата ставила зрно грашок на дното од постелата, а врз него дваесетина душеци од перја за да провери дали е принцезата вистинска, односно, дали ќе го почувсвува зрното грашок.
Се разбира, утрото, кога ја прашале принцезата како спиела, рекла: ‘Многу лошо, лежев на нешто тврдо. Цела ноќ око не склопив. Целата сум модра и зелена.
Така тие се увериле дека таа е вистинска принцеза. Затоа што преку дваесетина душеци го осетила зрното грашок. Секако, таа на крајот се омажи за принцот.
Јас како мала дури и ставав зрно грашок под душекот за да видам дали навистина може да се почувствува и бидејќи не чувствував ништо иако немав 20, туку само еден душек, заклучив дека не сум за принцеза. Така, ништо ни од принцот. Ама затоа, во нашата градина растат највкусните зрна грашок.
Грашокот како билка не е комплицирана за одгледување, само не заборавајте да ја врзете за да може да расте нагоре. Инаку, за популаризацијата на грашокот е сепак заслужен еден крал, а тоа е францускиот крал Луј 14, кој го прогласил грашокот за составен дел од менијата на забавите кои се одржувале на францускиот двор.
Потекнува од централна Азија и Европа, а е составен дел од исхраната ширум светот.
Нутритивна вредност
Иако може да се консумира и сиров, дури 95 отсто од грашокот на пазарот доаѓа во процесиран облик, најчесто замрзнат или конзервиран. Богат е со нутриенти и извонреден извор е на дури 8 витамини, 6 минерали, прехранбени влакна и протеини.
Влијание на здравјето
Здравје на коските
Зелениот грашок ги обезбедува нутриентите кои се многу важни за здравјето на коските. Извонреден извор е на витамин К, кој го активира остеокалцинот, протеин кој овозможува вградување на калциум во коските. Затоа, без доволно витамин К, процесот на минерализација во коските не може да се одвива како што треба.
Зелениот грашок е исто така и добар избор на витамин Б и фолна киселина, витамини кои влијаат на намалување на нивото на хомоцистеинот, молекула која може да го поремети поврзувањето на колагенот во коските, и така да ја зголеми порозноста на коските и ризикот за остеопороза.
Кардиоваскуларно здравје
Витаминот Б6, фолната киселина и витаминот К, чиј добар извор е грашокот, учествуваат во одржувањето на здравјето на кардиоваскуларниот систем.
Еднакво како што високото ниво на хомостеицинот влијае на здравјето на коските, високото ниво на хомостеицин може да влијае и на развој на атеросклероза, а со самото тоа и на здравјето на целиот кардиоваскуларен систем. Витаминот Б6 и фолната киселина го регулираат нивото на хомостеицин.
Витаминот К е важен за процесот на згрутчување на крвта.
Против замор
Грашокот е намирница за која секако би требало да размислите ако страдате од замор.
Причина за тоа е богатството на нутриенти кои учествуваат и овозможуваат производство на енергија. Имено, добар извор е на витамин Б1, пантотенска киселина и витамин Б6, како и добар извор на рибофлавин и ниацин, нутриенти неопходни за метаболизмот на јагленохидратите, протеините и мастите. Пантотенската киселина игра важна улога во регулацијата на стресот зашто ја поттикнува работата на надбубрежната жлезда, што е особено важно во периодот на стрес.
Зелениот грашок е добар извор на железо, минерал чиј недостатокчесто резултира со анемија, замор и намален имунитет.
Против малигни болести
Грашокот обезбедува бројни нутриенти, вклучувајќи го витаминот Ц, кои се многу важни за одвивање на процесите со кои организмот се брани од оштетувањата на DNA (оштетувања кои се сметаат за претходник на развојот на малигните болести).
Со бројни студии е покажано дека витаминот Ц може да го намали ризикот од развој на различни видови рак. Тој претставува прва линија на одбрана на организмот и нуди важна антиоксидативна заштита.
Грашокот го штити нашето тело и од бронхитис, артритис и Алцхајмер. Го подобрува расположението, го отстранува заморот, го регулра притисокот, го јакне нервниот систем, се користи за детоксикација на организмот и делува позитивно на состојбата на нашата кожа.
Во кујната
Грашокот е честа намирница во кујната и неизбежен дел од многу рецепти, а особено е омилен во облик на прилогот кој се прави во комбинација со ориз, а е познат како ризи-бизи.
Освен на вообичаениот начин, во вид на вариво, но и со тестенини или густи кремави супи, од него можеме да направиме и вкусни и здрави грицки. Додадете му на грашкот неколку прстофати од вашите омилени зачини и неколку капки маслиново масло и ставете го во загреана рерна на 30-тина минути и ќе добиете извонредни грицки. Пробајте го и во сирова состојба. Оној од нашата градина е превкусен и вака.