Првпат постите за Нова година? Еве што можете да подготвите?

Да се ​​биде веган на Нова година не мора да биде проблем. Постојат многу алтернативни јадења за класичните новогодишни рецепти со месо, како и вкусни вегански задоволства. Еве ги нашите предлози

0
552
Фото: Unsplash

Веганите и оние кои редовно ги постат Божиќните пости веќе знаат дека има многу вкусни варијанти за посни јадења. Но оние за кои Нова година секогаш била асоцијација за печено прасе и руска салата, веројатно се чудат како е можно да се пости и да се издржи новогодишната вечер без познатата обилна свечена трпеза.

Да се ​​биде веган на Нова година не мора да биде проблем. Постојат многу алтернативни јадења за класичните новогодишни рецепти со месо, како и вкусни вегански задоволства.

Нова година е време за уживање во богати празнични оброци, колачи и пудинзи. Но сè повеќе луѓе преминуваат на исхрана без месо, па и рецептите кои не содржат месо се сè побројни.

За да уживате во новогодишната вечер, ви носиме идеја за веганска новогодишна вечера составена од предјадење, главно јадење и десерт.

Предјадење

Навистина имаме многу идеи за мезе, а ќе наведеме две омилени.

Брускети: Свежи домати, маслиново масло, лук и босилек – толку едноставно, а толку вкусно! Подготовката не може да биде полесна: исечкајте ги доматите и лукот и додадете маслиново масло, сол и босилек и премачкајте ги врз печениот леб. Излижете си ги прстите!

Тапенада: Намазот од маслинки ќе го воодушеви секој љубител на маслинки! Потекнува од Прованса, а покрај маслинките се подготвува и од капари, лук, филети од инчуни, маслиново масло, сок од лимон и вињак. За веганската верзија ќе ги исфрлиме инчуните и ќе ги додадеме сувите домати. Сите состојки се мешаат додека не се добие густа паста. Се премачкува на тост леб или крекери, а одлично оди и со печени компири.

Главно јадење

Печење од сејтан: Едноставно, лесно и вкусно! Дарежливо веганско печење кое лесно се сече, лесно е и полно со вкус. Совршено е за сервирање со обилни количини сос, печени компири и сите други додатоци. Остатоците се одлични и во сендвичи. Исклучително лесно се прави, а можете да го подготвите и обликувате до 3 дена однапред, да го оставите во фрижидер и да го печете на денот на послужување или претходно.

Сејтанот е веганска замена за месо која се прави од витален пченичен глутен. Многу е популарен поради неговата месна текстура и исклучително високата содржина на протеини. Повеќето готови замени за веганско месо што можете да ги купите во продавницата се на база на сејтан.

Состојки:

2 парчиња сејтан од 0,5 кг
Соја сос
Сенф
Лук
0,5 дцл масло
Сол, црн пипер
1 кг компири

Приготвување:

Маринирајте го сејтанот преку ноќ. Подгответе ја маринадата од соја сос, сенф, лук и масло. Откако ќе се маринира преку ноќ, ставете го сејтанот во тепсија и додадете го маслото. Излупете ги и исечкајте ги компирите, додајте ги во тепсијата и печете ги 1 час. Ви препорачуваме да додадете повеќе масло и маринада за време на печењето за да го направите посочно.

Десерт

Орахњача без јајца и млеко

Состојки за тестото:

500 гр брашно
1 свеж квасец
1 дцл масло
3 дцл млеко од соја
Кора од лимон
1 лажичка сол
2 лажички шеќер

Состојки за филот:

250 гр ореви
100 гр суво грозје
200 гр шеќер
Млеко од соја
Кора од лимон
Шеќер во прав

Приготвување:

Во шолја се става квасецот, се додаваат 2 лажички шеќер и загреаното млеко и се остава на топло место да нарасне. Кога ќе нарасне квасецот додадете го во брашното. Потоа додадете ги и солта, шеќерот, маслото, млеко од соја и кора од лимон, измешајте сè и оставете повторно да нарасне.

За филот треба да се смелат оревите и да ги прелиете со врело соино млеко во кое ќе додадете суво грозје, шеќер и кора од лимон.

Кога тестото ќе нарасне, потребно е да се расука на дебелина од околу 1 сантиметар, а потоа да се премачка со филот. Откако рамномерно ќе го распоредите филот преку тестото, завиткајте го во ролат. Колачот префрлете го во калап подмачкан со масло и оставете го да отстои уште половина час. Потоа се пече на 200°C уште 30 минути. Кога е готово, оставете го да се излади и поросете со шеќер во прав.