По образование – економист, по професија – шеф на модерен ресторан

Кавадарчанецот Марко Матиев работел како економист во неколку компании во Скопје, сѐ додека неговиот долгогодишен пријател Дано Белевски, знаејќи дека е добар кулинар и дека сака да готви, не му понудил да се врати во родниот град како главен готвач во неговиот, сега веќе реномиран ресторан – „Сино“

0
2486

Нашиот соговорник Марко Матиев е економист и работел во овој сектор во неколку компании во Скопје, но интересот за кулинарството кој кај него се јавил уште во средношколските денови, во последните 10 години сѐ повеќе го окупирал за на крајот да ја прифати возбудливата понуда од ресторанот „Сино“ во Кавадарци и да влезе професионално во кулинарската професија.

Имено, кога неговиот долгогодишен пријател Дано Белевски, инаку, угледен кавадаречки угостител, му предложил да го направи менито за неговиот нов модерен ресторан и да се врати во Кавадарци како главен готвач, одлучил да го прифати предизвикот.

Најдобрите совети за готвењето Марко ги добил од своите мајка и баба, но и од интернет, од познати и не толку познати готвачи, а добредојдени му се и советите и искуството со кетеринг на Кате, сопругата на Дано, како и неговата вродена љубопитност. Голем дел од влијанијата што ги има се и од неговите патувања во Италија, Франција, Португалија, Турција, а особено значен му е и неговиот другар од детството, Никола, кој живее во Италија и е негов редовен „консултант“.

Неговиот ангажман во ресторанот „Сино“ кој трае од отварањето, во јули минатата година, не е и негово единствено професионално кулинарско искуство. Претходните ангажмани на шеф Марко биле по приватни вечери кои се денес сѐ попопуларни и одлични за почетничко креативно изразување.

Вели дека досега немал ниту едно лошо искуство со гостите, но затоа за време на работата во „Сино“ имал повеќе добри искуства.

„Најдобро чувство за еден готвач е кога задоволен гостин ќе го повика од кујната да се запознаат и да се заблагодари за гастрономското искуство, како на пример кога бев повикан од познат гурман кој ја пофали мојата паста карбонара приготвена на традиционален италијански начин. Иако во ресторанот честопати има гости кои се познати во својата професија, од музичари, фотографи, политичари, енолози, актери… пракса ни е во кујна да се приготвува за сите исто, нарачките стигаат на компјутер, такашто сите гости во ресторанот добиваат третман како позната личност“, се смее Марко.

Како роден кавадарчанец, тој вели дека неговите сограѓани се доста отворен народ, па освен што ја  сакаат македонската традиционална кујна, сакаат да се хранат и со јадења од италијанската, француската, медитеранската кујна.

Сѐ што прави Матиев, го прави најдобро што може, па така е и со готвењето, со тоа што посебно задоволство му претставуваат пастите, рижотата и добриот говедски стек со соодветни сосеви.

Пред почетокот на пандемијата со коронавирусот, во ресторанот доаѓале доста странци кои сакале да пробаат и да дознаат што повеќе за нашата кујна, од тоа како се добиени состојките, до историјата и приказните поврзани со некои од рецептите.

За секоја храна во нивниот ресторан има и соодветно вино, па Марко вели дека е едиствен во кој се застапени сите винарии од тиквешкиот регион, преку 230 етикети на вино.

„Пишиите со маџун и овчо сирење се неразделив дел од тиквешката традиција па се приготвуваат и во нашиот ресторан, исто како и други традиционални рецепти, како што се: тиквешка раванија со маџун, тиквешки пијан крап, рчели, итн., а ресторанот има и модерна кујна и некои рецепти кои се фузија од повеќе кујни“, објаснува Матиев.

Бидејќи нему му е големо задоволство кога готви за своето семејство и пријателите, токму тоа го правел и додека ресторанот не работел поради пандемијата. Поточно, како што ни раскажа, навечер испробувал рецепти, а преку ден се занимавал со своето хоби – изработувал разни предмети од дрво. А дека тоа не е некое споредно и неважно хоби, доволно зборува тоа што тој самиот си ја изработил целата своја кујна, но и комода, маса, лампа… Го чекаат уште многу предизвици, но тој е жив доказ дека кога човек нешто сака, кога тогаш, ќе направи исчекор и ќе се најде на вистинското место, онаму кадешто е најсреќен.