Ги викаат уште и брз појадок. Демек се правеле за 10-15 минути.
Епа брз е и лесен, ама не е баш до толку брзо. Се пржат брзо, ама и многу излегуваат, па сепак треба најмалку половина час.
Состојки:
3 јајца
1/2 л јогурт (изгледа мајка ми ги правеше со кисело млеко, штом сме ги викале така, ама јас ставив јогурт)
1 прашок за пециво
малку сол
Околу 600-700 г брашно (се става се додека не добиете тесто кое ќе можете да го развлечете на масата)
Приготвување:
Изматете ги јајцата заедно со јогуртот, пецивото и солта па почнете да го додавате брашното. Кога ќе добиете тесто кое ќе можете да го развлечете на масата поросена со брашно, направете кора дебела отприлика колку еден прст (1цм).
Сечете ги како баклави или како ќе ви дојде (бидејќи е тестото меко можете и да ги растегнувате со прсти) и пржете ги во загреан зејтин.
Се пржат многу кратко од двете страни.
Можете да ги јадете со сирење или со нешто слатко, на пример, со мармалад од шипки. Или пак, прво со сирење, а потоа со мармалад.