Конечно е сезона за нашата омилена комбинација: домати, босилек, маслиново масло и сол. Убави за јадење, ама и за гледање.
А дека доматите и босилекот се одлична комбинација, не само во салати, туку и во градината, знаат искусните градинари кои велат дека покрај секоја садница домати, пожелно е да се засадат три садници босилек! На тој начин ќе добиете повеќе плодови.
Има повеќе причини поради кои е пожелно да се сее босилек во близина на доматите. Доматот прави сенка за деликатниот босилек кој го одложува цветањето, ја продолжува жетвата и со тоа го зголемува приносот, додека од друга страна босилекот ги брка вошките што сакаат да положат јајца во плодовите на доматот. Конкуренцијата помеѓу овие растенија не е изразена, бидејќи коренот на доматот е длабок, а коренот на босилекот продира плитко.
Босилекот ги штити краставицата и доматот од напад на пепелница, а покрај тоа што штити од болести, ги одбива и мувите и комарците.
Што се однесува до здравствените придобивки, консумирањето на домати го намалува ризикот од рак, остеопороза и кардиоваскуларни болести. Но познато е дека преработените домати се поделотворни и поздрави од свежите.
Американски истражувачи откриле дека овој сочен зеленчук е најголемиот извор на антиоксиданти и ликопен и дека за разлика од другите овошја и зеленчуци, има поголема моќ откако ќе се свари. Се разбира, не е грешка ако понекогаш јадете и свежи домати, особено во оваа комбинација.
Имено, и босилекот има фантастично влијание врз здравјето. Ја олеснува настинката, придонесува за здравјето на срцето, бубрезите, очите и забите, а исто така помага и во лекување на рак.