Снешка и Мартин Трајковски кои пред 10 години од главниот град решиле да се преселат на село, а за свој дом го одбрале кривопаланечкото село Петралица.
Денеска, заедно со своите деца Дамјана и Огнен, живеат на село, пасат овци, чуваат кокошки, коњ, магаре, пчели, прават мед и сирење.
„На почетокот речиси целата храна беше домашно, лично наше производство, но како поминуваа годините, од некои работи се откажавме за да можеме некои работи да ги унапредиме. Сега сме насочени кон сирењето и медот. Сирењето е дури и предизвик па затоа и го правиме со голема љубов. Со време сѐ повеќе и повеќе истражувавме изворни начини на преживување на село, начини кои ги користеле нашите претци, па некако сакаме да ги задржиме и традициите. Некои стари непишани правила кај сточарските фамилии биле дека овци, коњи и пчели мора да има секое домаќинство и дека тие нешта оделе заедно. Веројатно самиот крај и клима го налагале тоа.
Овците како пасија не наведоа да ја собираме, чуваме и размножуваме домородната раса овци, Праменка, вид којшто е во исчезнување.
Па кога веќе чуваме изворни овци, редно беше и да работиме на изворните сирења, а тоа е биеното сирење како единствено изворно македонско сирење
Целата приказна на биеното сирење добиено од изворни овци кои пасат по пасишта неодамна не однесе во Бра, Италија, на најголемиот настан посветен на сирењата.
Она што го правиме ние, го препозна организацијата „Слоу Фуд“ и добивме покана за учество во Бра, со цел да го претставиме нашето биено сирење.
Бра беше одлично искуство за нас, многу видовме, многу научивме, видовме каде сме во светот на сирењата.
Иако Македонија нема многу видови на сирења, сепак, на светската карта на сирења постоиме со биеното сирење како единствен македонски бренд карактеристичен само за Македонија“, раскажува Мартин.
Инаку, овогодишниот настан CHEESE 2019, поветен на сирењето, се одржа од 20 до 23 септември во Бра, Италија, под слоганот „Природното е возможно“, што целосно се совпаѓа со концептот на нивниот производ.
„Сирењето е тревата на пасиштето, сирењето е расата овци, сирењето е целокупниот тероар на едно поднебје“, вели Мартин и продолжува:
„Убавите коментари кои стигнаа до мене после презентацијата на нашето биено сирење во Бра, ќе не’ поттикнуваат да го унапредуваме брендот на биеното сирење како наше најавтентично сирење кое се произведува денес.
Долги години македонските биени сирења биле карактеризирани како пресолени
Годинава произведовме средно солена варијанта од овчо млеко од наштото стадо, но со изразен интензивен вкус и мирис на овчото млеко и пашата од локалното поднебје кое присутните на дегустацијата одлично го прифатија.
Најважното за мене, но и за сите нас е што биеното сирење е веќе наш препознатлив производ, нешто преку што не препознаваат, а некои производители на најголемиот саем за сирење, во Бра, пројавија желба да пробаат да го направат во своите земји.
Многумина бараа производот да се доведе до целосно традиционално производство за да се затвори приказната, од изворните раси овци, преку дивите пасишта, сировото млеко, па сѐ до зреењето во дрвени качиња.
Приказната за биеното сирење е преплетена со македонскиот бит, со македонскиот начин на опстанување. Комплексна содржина која не ве остава рамнодушен.
Како што вели слоганот на Слоу Фуд, храната е идентитет. Биеното сирење е македонскиот идентитет.
Едноставно му благодариме на Слоу Фуд што ја препозна нашата работа и што ни овозможи да се претставиме со нашите изворни овци и изворно сирење на еден таков важен настан посветен на сирењата“, велат сопружниците Трајковски.