Пазарска поезија

Ние не продаваме роба, туку продаваме квалитет! Освен овој натпис, и секој производ на оваа тезга на пазарот во Тафталиџе, си има свој натпис: на оној за зелените пиперки пишува - Блага тенка, како манекенка, а за шери доматите - Не е се до големината!

0
569

Ние не продаваме роба, туку продаваме квалитет!

We do not sell goods, we sell quality!

Вака, двојазично, ама не на македонски и на албански, туку на македонски и на англиски, напишал на таблата на својата тезга на пазарот во Тафталиџе, продавачот Албанец, кој веќе со години наназад го привлекува вниманието на купувачите со своите инвентивни натписи.

На пример: Портокали сочни и вкусни како силиконски усни.

Или пак: Авокадо моли, закон за гвакамоли.

На јаболките од сортата златен делишес пишува: златен делишес, за мозок рифреш, за црвениот – делишес црвен, за по една на ден, на зелените – зелена сум, но зрело мислам, а пак на оние од сортата ајдарет, пишува: ајдарет, анти дијабет, а богами и за с’клет.

На зелените пиперки пишува: блага тенка, како манекенка, а на шери доматите: Не е се до големината!

И така натаму, за секој производ, пишува по нешто, некогаш е смешно, некогаш мудро, некогаш – чиста вистина.

А на тезгата, впрочем, како и на сите пазари во државава, вистинска есенска убавина.

Само помислете што сакате да јадете денеска и сите намирници ќе ги најдете на пазарџиските тезги, а кога е некој инвентивен, го заслужува нашето внимание, нели?