Деновиве случајно наидовме на најавата за курсот „Од нула до поодржливо живеење“, во чија најава, меѓудругото, пишува: Патот кон целта наречена нула отпад започнува од нас самите, чекор по чекор. Ја побаравме Андријана Папиќ Манчева, обучувач на курсот, инаку, главен ‘виновник’ за македонското издание на книгата „Дом со нула отпад“ од Беа Џонсон (позната како жената која со семејството годишно прави само една тегла отпад) и ја прашавме како таа се навлекла на оваа тема и на нејзиното практикување во секојдневниот живот.
„Заборавете на таа една тегла ѓубре годишно, колку што прави Беа со своето семејство! Имаме еден куп рефусни намирници на пазар, треба само попаметно да пазариме – со торби, тегли и торбулиња и да го купуваме само она што навистина ни треба“, вели Андријана која силно верува во моќта на поединецот да ја зачува животната средина такашто ќе прави помалку ѓубре.
По професија е преведувачка по англиски и француски јазик. Дипломирала на Катедрата за превод и толкување при Филолошкиот факултет во Скопје пред малку повеќе од десет години и оттогаш преведувањето и јазиците ѝ се испреплетуваат во сè што прави, вклучително и во работата во ХЕРА (Асоцијација за здравствена едукација и истражување), кадешто работи како координаторка за комуникации.
Од каде и од кога потекнува твојот интерес за нула отпад?
Интересот за нула отпад неочекувано ми се појави летото кога бев трудна со ќерка ми, пред 5 години, додека на плажа си го вежбав францускиот и ја читав „Дом со нула отпад“ од Беа Џонсон која, пак, се смета за пионерка на современото движење за нула отпад. Оттогаш не престанав да зборувам и да раскажувам за нула отпад! По ноншалантното „Па, зошто не ја преведеш?“ на маж ми, засукав ракави и ја преведов книгата на македонски зашто сакав ова четиво да биде подостапно кај нас, а особено за моите кои и ден-денес знаат да ми „прошверцуваат“ понекоја пластична кеса дома. Заедно со Леа Линин и Сабрина Железник ја смисливме иницијативата „Од нула до нула“ и со заеднички сили ги организиравме првите две гостувања на Беа Џонсон во Скопје. Работејќи на книгата, сфатив дека нема смисла само да зборувам, па без задршка се впуштив во практикување на животот со нула отпад – односно, со помалку ѓубре – и еве ме, и ден-денес нула отпад ми е меѓу најомилените теми за муабет и неделив дел од секојдневните размисли и практики што ги споделувам и онлајн преку профилите на „Од нула до нула“ на социјалните мрежи.
Инаку, книгата „Дом со нула отпад“ е издание на ВиГ Зеница и може да се најде во книжарниците „Или-Или“ и Литература.мк, а онлајн може да се нарача преку kupikniga.mk.
Има ли некоја личност која сметаш дека живее најмногу во согласност со овој принцип, која е твоја инспирација?
Во прво време тоа беше дефинитивно Беа Џонсон. Кога ќе откријам некого чии вредности ме инспирираат или нешто од што срцето ми игра, сосема се внесувам, се фиксирам и буквално не поминува ден да не мислам на тоа или да не се едуцирам за некој аспект. На второто породилно, среде јулските жештини, додека син ми спиеше, бев уште поненаситна за што е можно повеќе информации за нула отпад и тогаш го открив концептот на циркуларната економија, тогаш сфатив дека нула отпад – како и многу други работи во животот! – оди рака под рака со привилегираноста, дека борбата за зачувување на животната средина е неделива од борбата за социјална правда… Па, има неколку жени од кои многу и секојдневно учам – меѓу нив би ги издвоила Поли Баркс, Ажа Барбер, Селин Симан и Татјана Јовановиќ. Инспирација ми се овдешните херои кои се борат против рудниците на смртта, активистите од Иницијативата за забрана на пластичните кеси, О2 Иницијативата, Иницијативата „Зелен хуман град“, активистите за правата на животните… нула отпад е само делче од сложувалката и е невозможна мисија доколку општеството не е по мера на граѓаните.
Може ли да споделиш со нас некои едноставни чекори со кои може да почне сечиј пат кон живот со што помалку, евентуално, со нула отпад?
Првиот чекор е да се ѕирне во кантата со ѓубре и да се види што се фрла! Ако не знаеме што фрламе, нема да знаеме како да го намалиме ѓубрето, нели? Притоа, би сакала да нагласам дека нула отпад не значи нула ѓубре, туку помалку ѓубре. Сè додека живееме во линеарна економија која функционира по принципот „искористи – произведи – фрли“ и во чија срж е профитот, ѓубре ќе има и тоа во изобилие!
Беа Џонсон зборува за т.н. пет златни правила коишто ако решите да ги следите, дефинитивно ќе ве „извадат“ од комфорната зона и ќе ве натераат да си ги преиспитате потрошувачките навики и бројот на кеси ѓубре што неделно ги фрлате. Тоа се:
1) Речи „не“ или не прифаќај го она што не ти треба. Зошто би земале, на пример, визит-картичка? Или флаер? Или гратис токсичен омекнувач за алишта?
2) Редуцирај или намали го она што ти треба. На пример, алишта, средства за чистење, декоративни предмети по дома, играчки, книги, а особено месото и млечните производи во исхраната.
3) Реупотреби/пренамени го она што веќе го имаш. Пазарете со платнена торба и со свои садови, пластичниот брич заменете го со метален, направете си стик, ако сте во можност заменете ги отровните менструални влошки со реупотребливи или со менструална чашка… Ако можете да позајмите, не купувајте. Зашијте, поправете, пренаменете, само не фрлајте како да ќе исчезне веднаш штом ќе биде во контејнерот. И, не подарувајте им го на други она што вие не би го носеле.
4) Дури четврт чекор е фамозното селектирање и рециклирање на отпадот, што кај нас и натаму се смета за најодржлива еко-навика. Рециклирањето е мит зашто во светски рамки се рециклира исклучително низок процент на селектиран отпад, а горењето не е рециклирање. Само стаклото и алуминиумот може да се рециклираат неограничен број пати, но и тогаш црпат ресурси, па подобро е да се реупотребат, а останатите материјали, како хартијата и пластиката, може да се рециклираат само неколкупати пред да си го запечатат местото на Земјата како вечен отпад.
5) Последниот чекор е компостирањето. Органскиот отпад претставува најмалку третина од отпадот што го фрла едно просечно домаќинство. Тој е причината поради која контејнерите ни мирисаат (да не е тој, би базделе само на пластика). Кога би се селектирал, би можеле да го претвориме во компост и да и` вратиме на природата бар дел од ресурсите што сме ги користеле.
Што е она на што ги учиш своите деца од најмала возраст за да изградат живот врз основа на овој принцип? Дали е тешко да се спроведе, колку и како реагира околината на твоите навики и постапки?
Татко ми и натаму мисли дека ништо нема да се смени во светот ако земам пластична кеса – и истовремено е во право и не е. Дел од семејството ме поддржува, на дел му прогледувам низ прсти, но на пазарите и во продавниците сум немилосрдна. Еве, на пример, последно купив маслинки со свој сад, на пазар, кај продавач кај кого првпат пазарам. Ми го зеде металниот сад, го измери на вагата, ми ја одби тарата од вкупната измерена тежина и тоа беше тоа, едно кесе помалку. Бранко, човекот што продава печурки на пазар, и со маска не‘ препознава кога ќе му ја подадемеме зелената торба во која директно ни ги става печурките… Не е секојпат лесно, а кога не е, најголем предизвик ми е да не се испокарам.
Син ми уште не зборува, па читаме друга литература. Со ќерка ми заедно одиме до контејнерите за селектиран отпад и многу често одиме заедно да пазариме во пиљарата позади зграда. Последно ни прифали торба, па марулата си ја носеше в рака како цвеќе, без кеса. Уште не сме „цапнале“ во длабокото со неа, но засега ме радува тоа што знае каде се кантите.
Дали курсот „Од нула до поодржливо живеење“ е првиот курс од ваков тип на кој си во улога на предавач и кому му го препорачуваш?
Досега имам одржано неколку предавања за нула отпад во училиште, на јавни настани, за потребите на невладини организации, но сега првпат би држела курс и би навлегла малку подлабоко во концептот. Ми се чини дека е и прв ваков курс кај нас, за нула отпад.
Се случува на предлог на невладината „Еко Логик“ со која се најдовме на иста бранова должина кога е во прашање подигањето на свеста и едуцирањето за нула отпад и за поодржливото живеење. Така, курсот ќе се одржи во рамките на програмата за возрасни „Аналитичар за одржлив развој“, која е разработена од „Еко Логик“ и верифицирана од Министерството за образование и наука и Центарот за образование на возрасни.
Секое предавање ќе се осврне на едно од гореспомнатите правила, ама ќе зборуваме и за циркуларната економија, еко-отпечатокот, отпорните заедници, брзата мода, минимализмот, веганството, регенеративното земјоделство, транспортот, човековите права, оти сето ова се фактори кои влијаат на одржливоста.
Курсот е отворен за секој што сака да научи како да фрла помалку ѓубре. Логично, не им е наменет на оние што не веруваат во климатските промени.