Ако ги разгледате фотографиите на официјалната фејсбук страница на средното општинско училиште „Гоце Делчев“ во Валандово ќе видите како средношколците ги минуваат часовите по практична настава учејќи корисни нешта, меѓудругото, учејќи како се произведува здрава и локална храна и пијалоци и едноставно ќе посакате да бевте на прагот од средношколските денови па да се запишевте и самите таму или да имавте дома некој полуматурант кој не се симнува од мобилен и од компјутер и да го запишевте да научи – живот.
Замислете на училишен час да можевте да правите пијалок со ореви и ликер со чоколадо! Замислете да можевте и вие на оваа возраст да одгледате сами марула и брокула наместо да се муртите кога ќе ја видите во вашата чинија! Замислете да можевте сами да наберете калинки во училишниот двор и да направевте сок кој ќе го спакувате во шише и ќе го испратите на пазарот! Замислете да можевте да правите вино, ракија и да берете јапонски јаболка! Замислете целиот град да беше разубавен токму со цвеќето кое сте го пораснале вие и вашите училишни другари!
Сето ова и многу повеќе од ова прават средношколците и нивните наставници од средното валандовско училиште.
Да почнеме со калинките кои како овошје со многу здравствени придобивки во моментов е тренд во светот на супер храната. Кај нас најмногу ги има токму во ова место со медитеранска клима и 290 сончеви денови во годината. Во Валандово нема куќа што во дворот нема калинка, но на поголеми површини ја одгледуваат малкумина, а меѓу нив и учениците од ова училиште чиј сок од калинки го зароби сето наше внимание.
Училишната компанија „Еко-фарма“ на средното земјоделско училиште „Гоце Делчев“ во Валандово е реална компанија која функционира активно од ланската учебна година. За овој проект во чии рамки учениците произведуваат природен сок од калинки, училиштето добило грант од 30 илјади евра преку грант програмата на МОН за соработка на училиштата и бизнис заедницата.
За овој грант и за приказната за сокот од калинки, но и за другите производи кои излегуваат оттука, зборувавме со трите дами, директорката на училиштето Љубица Невеселова, специјалниот едукатор Емилија Зафирова Петков и наставничката по македонски јазик, Елизабета Чилевска Пандова.
„Преку грант програмата на МОН за соработка на училиштата и бизнис заедницата се финансираше изградба на линија за производство на сок од калинка во нашето училиште, а во соработка со партнерот „Про група“ Битола. Заеднички со нашиот партнер ја разработивме идејата за изградба на таква линија поради тоа што нашето училиште веќе ги имаше потребните ресурси.
Освен тоа, ‘Еко-фарма’ е реална компанија која постои во рамките на училиштето и функционира активно од ланската учебна година, но постоела и порано, иако не функционирала со толкав интензитет. Впрочем, целта на дуалното образование е токму паралелно изучување на теоријата и праксата, работа во реална компанија каде учениците покрај осознавање на фактите за струката која ја одбрале, ќе научат и за создавање на бизнис-идеја, ќе направат бизнис-план, ќе учествуваат во создавањето реклама, продажба и пласирање на сопствениот производ. Така ќе се стекнат со вештини и знаења и по завршувањето на училиштето ќе бидат подготвени да влезат на пазарот на труд“, објаснуваат нашите соговорнички.
Идејата била зачната од професорите од земјоделско-ветеринарната струка, а поддржана од други професори и најважно, од директорката Невеселова која во оваа идеја препознала начин за развивање на училиштето согласно модерните текови на земјоделието и производството.
Сега тие имаат сопствена производна линија за цедење, полнење и пастеризирање на сокот кој се прави од калинките кои растат во училишниот двор на површина од околу 2 декари. На овој простор има 40 дрва на калинка од кои тие добиле околу 1 тон калинки. За да се добие 1 литар сок пак, потребни се околу 4,5 кг калинки.
„Можеме да кажеме дека оваа година е втора по ред во која нашите ученици произведуваат сок од калинка и се произведе поголема количина на сок, поточно, околу 1300 литри сок. Првата година повеќе беше експериментална и повеќе акцент се стави на усовршување на работниот процес, раздвојување на работните операции и нивно синхронизирање и тестирање на апаратите во самата линија за нивно непречено функционирање. Сето тоа беше со помош на надворешни соработници, нашиот партнер Про група и наставниците од нашето училиште кои го водат целиот процес.
Директно во самиот процес на производството на калинките учествуваат учениците кои имаат практична настава, а тоа се учениците од трета и четврта година на земјоделско-ветеринарната струка. Со нив, и теориски и практично работат професорите Наќо Кимов и Златко Јанчев.
Секако, и учениците од прва и втора година се запознаваат теоретски со самиот процес, а потоа и практично. Сите заедно се вклучени и во самото одгледување на насадот од калинки.
Инаку, во нашиот крај се произведува сок од калинка, но најголем проблем е пастеризирањето. Така да сокот што луѓето си го произведуваат во домашни услови не се пастеризира па за да трае подолго се пакува во пластични шишиња и се замрзнува. Нашиот сок е 100% природен и не содржи никакви други додатоци како вода, адитиви, конзерванси и слично. Содржи танини кои доаѓаат од лушпата, но тоа е составниот дел на сокот од калинка. При самиот процес на производство се отстранува дел од лушпата, но не целосно. Нашиот сок се пастеризира и се пакува во стаклено шише.
Валандово и валандовско е земјоделски крај, а учениците кои доаѓаат овде главно се деца кои во одреден дел од денот им помагаат на родителите во домашните обврски. Некои од нив го знаат овој процес, меѓутоа, преку работа со други помали преси и рачно. Ние сме единствени во општината кои поседуваат машина за пастеризација на сокот. Спомнавме дека оваа ни е прва производна година и активно бараме откупувачи, како ние како училиште, така и учениците. Реално сокот не се продава многу во нашите краиште бидејќи како што спомнавме, има доста семејства што сами си произведуваат сок за домашна употреба. Но затоа правните лица од општината го земаат сокот како репрезентација, а физички лица го купуваат во помали количини. Сокот го продаваме и преку интернет, а имаме и ФБ страница каде се објавуваат реклами за сокот, неговиот состав, придобивките од консумирањето и слично. Се разбира, нашите ученици се запознаени со составот на сокот, со сето негово богатство и со тоа како придонесува за подобрување на општото здравје на луѓето. Кога се прави сокот, тие дегустираат, даваат свое мислење и идеи. Имаме некои идеи кои веруваме дека за следната реколта ќе се реализираат со тоа што имаме намера нашиот производ повеќе да се персонализира од страна на учениците и како таков да биде попрепознатлив на пазарот.
Сега го има во некои локални продавници за здрава храна. Го нудиме и на поголеми фирми кои набавуваат храна за своите вработени, а сега ќе почне да се продава и во новоотворената продавница за здрава храна – „Мајка природа“ во Скопје. Релативно сме нови на пазарот па сѐ уште не сме достапни пошироко.
Инаку, цената на сокот е симболична и со неа се покриваат трошоците како амбалажа, етикета, контрола на производот кај соодветни установи. Малиот приход што ќе се добие оваа година (ако се реализира целосна продажба на производот) ќе се искористи за набавка на суровини, амбалажа за следната година, а со тоа да се зголеми реколтата во идната година. Исто така, планирано е да се засадат и нови насади на калинка и набавка на работна униформа и заштитна опрема за учениците.
Средствата од сокот нам, како училиште, не ни се многу важни во смисла на финансиско зајакнување. Нам ни е важно стекнатото знаење и задоволството на учениците кои учествуваат во целиот процес, од берба до готов производ, реклама и продажба. Знаете колку се радосни и исполнети тие кога сопствениот производ го гледаат на некоја полица во маркет?“, велат нашите соговорнички.
Средствата од сокот пак, освен за осовременување на наставата преку набавка на опрема и алати. се користат и за реализација на екскурзии за учениците.
Училиштето располага и со стаклена градина со поставено подно греење каде се произведува расад.
„Нашето училиште има потпишано Меморандум за соработка со Комунален сервис од Валандово и сите јавни површини во град Валандово се засадени со цвеќињата произведени токму во нашето училиште. Пред две години добивме проект преку УНИЦЕФ и УПШИФТ и реализиравме мали вертикални градини со растенија за прочистување на воздухот кои ги подаривме на институциите и фирмите низ општината. Цел еден ѕид во училиштето е оплеменет со растенија кои го прочистуваат воздухот.
Располагаме и со насад со јапонски јаболка. Таму се оставени неколку дрвја од најстариот насад од дрвото јапонско јаболко кое го донел Лазар Колишевски од едно негово патување во Кина. Тука имаме и лозови насади и се одгледуваат вински сорти на грозје. Самото одгледување исто така е преку практичната настава и учениците се вклучени во сите работни операции. Во рамките на училиштето имаме и мини винарија. Оваа година произведовме вино флаширано во стаклена и пластична амбалажа, а освен вино се произведува и ракија. За учениците е особено важно и значајно ова производство бидејќи преку дирекна работа го учат целиот тој процес на производство, но и одгледувањето на виновата лоза за таа намена.
Имаме планови производството да се прошири и во друга насока со други ресурси, на пример: да произведуваме сок од домати.
Во училиштето има и пластеник за одгледување на градинарски производи. Учениците садат компир, грашок, спанаќ, зелка, зелена салата и многу други производи. И овде се вклучени од самиот старт, од подготовка на земјиштето, производство на расад, садење, одгледување, заштита, итн.“, раскажува директорката.
Продажбата на сите производи исто така ја обавуваат самите ученици, а со градинарските производи се снабдуваат воглавно вработените бидејќи количините не се големи, а на тој начин тие секогаш си имаат свежи производи за домашната кујна.
Во училиштето има и десетина кошници со пчелни семејства, па учениците се вклучени и во производството на мед и неговата продажба. Средствата добиени од продажбата, ни објаснуваат нашите соговорнички, се вложуваат за набавка на опрема и нови кошници за да се прошири производството.
Инаку, во земјоделско-ветеринарната струка учат околу стотина ученици. Дел од нив најчесто го продолжуваат образованието на Земјоделскиот факултет во Скопје, а дел се вработуваат низ фирмите во општината, но и во Гевгелија.
„Дел од учениците се насочуваат и кон сопствено производство и стануваат активно регистрирани земјоделци со помош, гордо можам да кажам, на професорите кои им предавале. Постојано се во комуникација со своите професори, се консултираат и разговараат. И секако, има навистина многу ученици на кои сме горди. Од овде излегле и индивидуални земјоделци-денешни сопственици на мали фарми, агрономи…“, раскажува директорката.
Таа и нејзините колеги се особено горди затоа што развиваат квалитетен кадар за пазарот на трудот.
„Горди сме и затоа што развиваме различни погони во рамките на училиштето кои нудат учење преку работа. Учениците многу сакаат да работат бидејќи секогаш тоа е поинтересно отколку учењето теорија во училница. Доста мотивирачко за нив е тоа што на крајот имаме краен опиплив продукт“, ја завршуваат приказната за своето училиште и вредните ученици нашите три соговорнички.