Шкето првпат пробав кај госпоѓа Зорица Блажевска која секогаш има некоја приказна поврзана со храната што ќе ви ја послужи. Овојпат тоа беше шкето, јадење кое го правеле и нејзината мајка и баба, а кое, нивната роднина од Белград, бидејќи не можела да му го запамти името, го викала – она јадење што мириса на парфем. И навистина, сиот тој магдонос внатре, му дава посебна арома и шмек.
Иако е со јагнешко месо, изобилието од магдонос на ова јадење му дава свежина па тоа се смета за лесен оброк.
Состојки:
Јагнешка глава или 1/2 килограм јагнешко месо
5 китки свеж магдонос,
сол по вкус, црвен пипер
1–2 лажици брашно
Приготвување:
Месото се вари, се додаваат 5 китки исечкан свеж магдонос, се зачинува по вкус и се вари заедно уште десетина минути.
Веќе приготвеното шкето се трга од оган и се додава запршка од една –две лажици брашно и малку вода со постојано мешање. Се служи топло.