Од Египет, преку Дарвин, до фармата на скопјанецот Владимир

Нашиот соговорник Владимир Михајловиќ од секогаш сакал да сади зеленчук, овошје и цвеќиња за себе и за своето семејство, а откако  започнал со производство на органско ѓубриво, неговата приказна станала комплетна.

0
4516

Конвенционалното земјоделие со употреба на хемиски ѓубрива и  заштитни средства е еден од најголемите загадувачи на природната средина, пред сѐ, на почвата и на водите. Ова го доведува во опасност производството на храна за нашата и за иднината на следните генерации. Единствен начин за оплеменување на испостената почва и за производство на здрава и органска храна, вели нашиот соговорник Владимир Михајловиќ, е употребата на биохумус – висококвалитетно органско ѓубриво кое се добива со помош на калифорниските црви.

Владимир ни го објасни процесот на производство на биохумус кој го научил на фармата на неговиот пријател, а подоцна, поточно, пред пет години и самиот почнал да го произведува на својата фарма во село Долно Лисиче.

Иако со сосема друга професионална определба, економист за туризам, Владимир од секогаш сакал да си сади за себе и за своето семејство зеленчук, овошје и цвеќиња, а откако  започнал со производство на органско ѓубриво, неговата приказна станала комплетна. Тој произведува биохумус кој го употребува и самиот за сопствено производство, но и за своите најблиски пријатели, но недоволно за да може да регистрира фирма и да се појави на пазарот со својот производ.

Калифорниски црви и биохумус

Според него, нужно е да се направи промена на начинот на производство, па во светот и во Македонија денеска сѐ повеке се размислува и се воведува техника за развој на органско производство на земјоделски производи. Единствен начин да се направи ова е со помош на органско биоѓубриво кое се добива со помош на калифорниските црви.

Всушност, арското ѓубриво е природно живеалиште и храна за црвените калифорниски црви. Поминувајќи низ нивниот организам, црвите го ситнат арското ѓубриво, го мелат, разложуваат на основни елементи и го исфрлаат преку изметот кој пак, е богат со ензими кои ја намалуваат загаденоста со патогени организми. Практично, изметот од црвите измешан со остатокот на органските материи од арското ѓубриво е БИОХУМУС.

Повеќе пати Владимир од својот производ донирал на училишта и градинки кои садат органски производи во своите градини.

„Јас и неколку љубители на здравата и органска храна сме иницијатори на идејата секое училиште, градинка да има органска градина и децата да се едуцираат како самостојно да садат и да одгледуваат сопствен зеленчук и овошје“, вели Владимир.

За доброто на растенијата и на почвата

Растенијата ѓубрени со биохумус создаваат од 3 до 6 пати повеќе витамин Ц, а со тоа отпорноста кон суша, мраз и сите видови болести е значително зголемена, па употребата на заштитни средства се сведува на минимум. Биохумусот ја подобрува структурата на почвата, врши биомелиоризација и ја зголемува плодноста на истата, а не може да доведе до предозирање и до „запалување” на растенијата, како што е случај со другите ѓубрива, бидејќи растенијата многу брзо и лесно го апсорбираат.

„Производството на биохумус од калифорниски црви во иднина ќе станува се поатрактивен семеен агробизнис, поради европскиот тренд за производство на органска храна, како и поради квалитетот и предностите кој самиот биохумус ги нуди“, вели Владимир.