Од времето кога рецептите се пишуваа во тефтер

Има многу нови рецепти, поточно, на интернет навистина можете да најдете сè што ќе помислите, но ако од некаде ви се појави старата тетратка на вашите мајки или баби, разгледајте ги, ќе ви ги разбудат спомените од детството

0
282

Кога сме веќе кај вишните, си реков, да ги искористиме преостанатите за оној стар едноставен колач што се правеше порано со секое овошје, па и со вишни.

Го знаете сигурно напамет и дури и кога се разликува во некои ставки, па некои наместо вода, ставаат јогурт или млеко, наместо 200 грама бел, ставаат 100 грама кафеав шеќер или маџун, наместо обично бело брашно, ставаат некое друго, наместо шеќер во прав најгоре додаваат од оние чоколадни плочки со 60% какао, сепак, во основа, рецептот за овој колач е ист. И не можете да згрешите, а останува еден од најбрзите и најлесните за правење.

Но, не беше целта да го напишеме овој рецепт кој и онака веќе сите го знаете, туку да се потсетиме на оние стари тефтери и тетратки во кои порано нашите мајки и баби си ги пишуваа рецептите. Сигурно се сеќавате дека порано немаше интернет, мислам, па не беше тоа ниту толку одамна. Е во тие стари тетратки нашите мајки и баби до секој рецепт пишуваа и од кого го добиле, за полесно да се сетат потоа, кога ќе ја пребаруваат својата скапоцена збирка рецепти за да направат нешто.

На пример, Црна алва од Хилда, пишува во тетратката на мајка ми. Или, колачи од Маринче, кифлички од Ана, или питата на Марта…

Многу од рецептите се препишани од некое списание, се разбира, пола се со српски изрази, затоа што се препишувани набрзина, од српски списанија, затоа што порано повеќето беа такви.

Како и да е, ако сè уште чувате некој стар тефтер од своите мајки и баби, отворете ги, можеби ќе најдете во нив нешто што одамна сте го заборавиле, а сте го сакале во детството. Или барем, разлистајте, дури и само тоа ќе ви ги врати спомените.

А еве го и нашиот модифициран рецепт за старинскиот колач со вишни.

Состојки:

200 г брашно

100 г кафеав шеќер

150 мл јогурт

100 мл маслиново масло (помас)

4 јајца

Свежи вишни, околу 500 грама

1 ванилин шеќер

1 прашок за пециво

1 лажица гриз за поросување на вишните

1 рака чоколадни плочки за одозгора

Приготвување:

Извадете ги семките од вишните и оставете ги настрана. Ако сакате оросете ги одозгора со гриз. Изматете ги јајцата со шеќерот и ванилиниот шеќер, па додадете масло и јогурт и на крајот брашното со прашокот за пециво.

Истурете ја смесата во подмачкано и поросено со брашно тавче, наредете ги густо  вишните и ставете ги одозгора чоколадните плочки. Колачот се пече на 200 степени околу 30-40 минути, во зависност од рерната.