Во рамки на нашиот серијал за тоа што прават готвачите во овој период на самоизолација, ѕирнавме и во кујната на Снежана Ангеловска. Таа деновиве ги троши работејќи на подготовката на својот нов каталог на десерти, на дружба со семејството и секако, на готвење..
„Време на изолација…за мене тоа е време кое потсвесно одамна ми требаше…за да се посветам, пред сѐ, најмногу на моето семејство и на самата себе…
По ова лудило од динамичен живот и трка со времето што секој од нас го имаше, дојде момент кога малку ќе забавиме и ќе научиме и засакаме многу други вредност на животот, повеќе ќе се почитуваме и себеси и другите.
Инаку, јас овој период на изолација го користам за конечно да го завршам мојот нов каталог на десерти од различни категории, работа за која е навистина потребно време..трпение и секако, многу љубов.
Тој би требало да излезе некаде кон крајот на месецот или почетокот на следниот и секако, ќе го споделиме со читателите.
Продолжуваме со снимање на серијалот „Брзо, Ефтино, а Вкусно“ кој се прикажува на македонската телевизија, но сега во домашни услови и со нова верзија…
Нови рецептури за нови десерти се моето секојдневје бидејќи така се чувствувам исполнето и среќно.
Меѓутоа, најмногу се радувам на времето со моето семејство. Сега имаме време за многу разговори…заедничко гледање на филмови, па и делење на кујната за испробување на нови јадења која секогаш со задоволство му ја препуштам на мојот син Мики.
И на крај, порака до сите Вас мили мои: СЕДЕТЕ ДОМА! Посветете им се на најблиските и себеси, бидете со позитивни мисли и чувајте се!“, порачува Снежана која со нас сподели и еден рецепт за едноставен и вкусен посен колач од јаболки.
Непечен посен колач со јаболки
Состојки:
500 г посни мелени бисквити
250 г маргарин
250 г шеќер
200 г црно чоколадо
50 г какао
500 г изрендани јаболки
200 г сечкани ореви
100 г сува брусница
100 г запечени лешници
Приготвување:
Мелените бисквити се мешаат со растопен маргарин, шеќер и какао. Се додаваат изрендани и исцедени јаболки, сечкани ореви и потпечени лешници и 100 г сува брусница. Формирајте го по желба, на пример во калап за куглоф и се прелива со стопено чоколадо.