Во едно истражување на агенцијата Нилсен, 9 од 10 испитаници изјавиле дека се подготвени да платат повеќе за поздрава храна, па компаниите вложуваат огромни напори за да ги добијат тие пари.
Најлесен начин е преку „здрави“ етикети, но се поставува прашањето колку се тие воопшто информативни. Погледнете ги следните примери и уверете се и самите!
„Природно“
Оваа ознака е веројатно најбескорисната од сите кои можат да се најдат на храната. Што значи точно „природно“? Тешко е да се дефинира прехранбен производ кој е „природен“ со оглед на тоа што поголемиот дел од храната е преработена, па едноставно повеќе не ѝ одговара овој опис! Дури и американската агенција ФДА (Food and Drug Administration) работи на создавање на дефиниција која би опишувала што значи точно „природно“, но засега се неуспешни во ова.
„Добар извор“ на нешто што е здраво
Од плочките со житарки кои се добар извор на влакна нема да станете претерано здрави, а нема да имате ни одлично варење. „Добар извор“ најчесто значи дека храната има само 10 отсто од препорачаната дневна количина на тие хранливи материи. Од друга страна, кога е намирницата „богата“ со хранливи материи или е нејзин „одличен извор“, тогаш зборуваме за максимално 20% од препорачаната дневна количина.
„Од целовити житарки“
Бидејќи е навистина тешко да се дефинира кои се точно производи од „целовити житарки“, вака означениот леб може да биде едноставн обичен бел леб со додаток на малку целовити житарки. Ако сакате да бидете сигурни дека купувате производ кој ќе биде навистина добар за вашето здравје побарајте ја ознаката „од 100% целовити житарки“.
„Направено со“ нешто што е здраво
Кога е производот направен со некоја инспиративна состојка за која неодамна сте слушнале вашиот оптимизам може прилично да нарасне. Меѓутоа, „направено со“ нешто е поинакво од „направено од“ нешто!
Без маснотии
Во овој случај „без маснотии“ навистина значи дека храната во себе не содржи маснотии, но погрешно е да се претпостави дека од таквата храна не можеме да се здебелиме. Оваа етикета функционирала додека се верувало дека маснотиите се виновник за дебелината и за срцевите заболувања, меѓутоа, храната која не содржи маснотии е обично полна со шеќери и други јагленохидрати. Исто така, таквата храна е обично попреработена и содржи повеќе конзерванси!
Фото: Pixabey