Ако сакате поевтина и поздрава варијанта од вашиот омилен појадок, крцкавите мусли, направете си ги сами дома. Домашната гранола ќе ви трае месец – два доколку ја чувате во чиста тегла на собна температура. Рецептот за оваа варијанта ја најдовме на блогот „Ситно сецкано“.
Состојки:
3 шољи овесни снегулки
3 лажици интегрален сусам
3 лажици ленено семе
¾ шолја кокосово брашно
½ шолја сончоглед
½ шолја ореви
2 лажици ф’стаци
1 лажица мелен цимет
1 лажиче мелен кардамом
Сето ова измешајте го во една вангла па додадете изматени:
Сок од 1 портокал, 2 лажици мед и 2 лажици кокосово масло
Повторно сé измешајте, ставете ја мешавината во големо тавче во тенок слој и печете ја во рерна на 150°C околу 25 минути. Повремено мешајте и внимавајте да не ви загори, особено во последните 10 минути.
После печењето, додадете 2 – 3 шољи суво овошје по ваш вкус: брусници, урми, кајсии, ѓумбир…
Кога ќе се олади целосно, префрлете ја гранолата во тегла и ако ја чувате во фрижидер или во замрзнувач може да трае долго, неколку месеци.