Некои складираат храна, а болните од канцер мака мачат да набават лепенки против болки

Ако мислевте дека од брашното, зејтинот, конзервите со грав, лукот и кромидот ви зависи животот, помислете на луѓето со канцер кои мака мачат со болките што им ја убиваат не само желбата за храна, туку и желбата за живот! Ако имате идеја како можат да се набават лепенки со фентанил против болки, предложете!

0
858

„Заради затварање на граници, не можам да набавам лепенки со фентанил, кои ги користам редовно. Ве молам, некој ако продава во Македонија, да ми пише“, пишува пациентка заболена од канцер на Фејсбук страната Cancer Triumphers! Канцер Победници!

Неа, верувајте, најмалку ѝ е до храна.

Со појавата на коронавирусот, како да заборавивме на сѐ друго и на сите други, па секој затворен во својата микро-средина, семејството, како да заборавил на сите други на кои треба да им се помогне.

Има ли начин да им се помогне на овие луѓе кои не сакаат ништо друго, освен да си ги олеснат болките кои секојдневно ги измачуваат и да го дочекаат периодот после короната, кога ќе можат да продолжат со лекувањето.

И досега снабдувањето со овие лепенки беше тешко, а сега, откако границите со Србија и Косово се затворија, се чини невозможно. Има ли некој начин на оние на кои им е неопходно ова средство против болки, а за кои не им помага ништо друго, да се достави до тие на кои им е најпотребно-болните од рак? И со оглед на тоа што и онака нивната цена беше превисока, доколку некој има некоја идеја, се надеваме дека заработувачката нема да му биде главната идеја водилка за да помогне.

Фото: Pixabey