Најубавиот и најздрав десерт е и наједноставниот

Ако ви се погоди тиквата, од оние големи, тркалезни, суви и благи 'буцки', тогаш е доволно само парче печена тиква. Оваа е токму таква, каква што никогаш нема да можат да бидат нејзините долгнавести братучетки со заводливи облини, но сепак, додадовме и малку оревчиња, не за друго, за да го нахраниме мозокот

0
517

Есента е полна со плодови и е дефинитивно најубава за фотографирање. Природата е толку убава што сите кои ја фотографираат веќе се замислуваат себеси како најдобри фотографи. Но не е до нив (до нас), до природата е. Топли бои, сонце, лисја, и многу многу плодови во најубавите бои.

Затоа, уживајте додека студот и короната не не затвориле комплетно дома. И не ви требаат комплицирани десерти, доволно е да ви се погоди тиквата. А меѓу овие тркалезните буцки се кријат вистински деликатеси. Како што тие можат да бидат вкусни, онака суви и слатки, никогаш нема да можат нивните долгнавести братучетки со заводливи облини.

Со тиквата можете да направите вкусни десерти, но и самите по себе се десерт, само испечете и послужете. И јадете без грижа на совест затоа што станува збор за здрава намирница. Тиквата има повеќе растителни влакна отколку лебот од интегрално брашно, а благодарение на тоа ги чисти цревата и дигестивниот тракт. Тиквата содржи и комбинација на каротеноиди кои го намалуваат ризикот од рак, ја подобруваат бојата и изгледот на кожата и ја прават поотпорна на УВ зраци. Каротеноидите и инхибиторите содржани во тиквата се моќни антиоксиданти. Тие можат да имаат значително влијание врз намалувањето на ризикот од рак.

А ако сте од оние кои се љубители на јаткасто овошје, па ја користат секоја можност да грицнат нешто, тогаш слободно додадете и малку оревчиња.

Тие се богат извор на омега-3 полинезаситени масни киселини, кои ја подобруваат еластичноста на крвните садови и протокот на крв, помагаат во намалување на лошиот холестерол и имаат антикоагулантни ефекти. Оревите содржат и Л-аргинин, кој влијае на коронарната вазодилатација, што е исклучително важно во превенцијата на срцевите заболувања.
Ако пак случајно тиквата не е баш блага, тогаш ставете си мед, суво грозје, цимет и оревчиња и повторно ќе имате превкусен десерт.