Најздравиот начин да го приготвите вашето кафе – и можеби да го продолжите животот

Според новата долгорочна студија објавена деновиве во European Journal of Preventive Cardiology, кафето не само што е добро за вашето здравје, може дури и да ви го продолжи животот - но само ако пиете филтер кафе.

0
878

За многумина од нас денот не започнува како што треба, сѐ додека не ja добиеме таа шолја на задоволство. Само аромата на тој темен, богат напиток може да ни ги разгори сетилата и да ни го поттикне расположението што знаеме дека доаѓа.

И излегува дека кафето не само што е добро за вашето здравје, може дури и да ви го продолжи животот – но само ако го подготвите со филтер, се вели во новата долгорочна студија објавена деновиве во European Journal of Preventive Cardiology.

„Нефилтрираното кафе содржи супстанции кои го зголемуваат холестеролот во крвта. Користењето филтер ги отстранува тие супстанции и ги прави срцевите напади и предвремената смрт помала веројатност”, вели авторот на студијата Даг Тиле, виш професор во одделот за јавно здравје и медицина на Универзитетот во Гетеборг, Шведска .

„Нашата студија дава силни и убедливи докази за поврзаноста помеѓу методите за подготовка на кафе, срцевиот удар и долговечноста“, вели Тиле.

Тоа е лоша вест за љубителите на кафе направено на француски начин, со притисок, или оние кои се љубители на силните грчки и турски методи на подготовка. Варењето кафе или употребата на преса за кафе всушност може да го зголеми ризикот од срцеви заболувања.

„Нефилтрираното кафе, како грчкото и турското кафе, кои се варат, или кафето направено во француски бокл со притисок содржи поголеми количини кафестол и кахвеол – хемикалии кои се наоѓаат во маслените капки кои лебдат во кафето и исто така во талогот“, вели диететичарката Лиза Драјер, соработник на СиЕнЕн за здравјето и исхраната.

„Студиите покажаа дека овие супстанции можат да ги зголемат нивоата на триглицеридите и ЛДЛ холестеролот“, вели Драјер. „Затоа, држете се до филтрираното кафе, затоа што оние хартиени филтери што би ги користеле во подготовката на кафето што се добива со капење, може да помогне да ги намалите овие хемикалии“.

Пиењето филтрирано кафе е подобро за здравјето

Новата студија следела над половина милион здрави норвешки мажи и жени на возраст меѓу 20 и 79 години во период од 20 години.

Резултатите покажале дека пиењето варено или притиснато нефилтрирано кафе го зголемило ризикот од смрт кај мажи на возраст од 60 и повеќе години, како резултат на зголемена кардиоваскуларна смртност.

Но, пиењето филтрирано кафе – на пример, хартиен филтер, се покажало дека е поздраво отколку да не пиете воопшто кафе.

Филтрираното кафе е поврзано со 15% намален ризик од смрт од која било причина, 12% намален ризик од смрт од кардиоваскуларни заболувања кај мажи и 20% намален ризик од смрт од срцеви заболувања кај жени, во споредба со непиењето никакво кафе.

Всушност, студијата открила дека оние кои пиеле од една до четири шолји филтрирано кафе дневно, имаат најниска стапка на смртност.

„Откритието дека оние што пиеле филтриран пијалок направиле малку подобро од оние што воопшто не пијат кафе, не може да се објасни со ниту една друга варијабила како што се возраста, полот или животните навики. Затоа, сметаме дека оваа опсервација е точна“, вели Тиле.

Препораки засновани на докази

И други истражувања ги истакнуваат здравствените придобивки на кафето. Според Американското здружение за срце, филтрираното кафе може да го засили вашиот ментален фокус, да го зајакне расположението и да ги подобри перформансите за време на вежбањето.

British Medical Journal објави огромна чадор студија во 2017 година, во која беа разгледани над 200 мета-анализи на здравствените придобивки од кафето и беше откриено дека пиењето од три до четири шолји црно кафе на ден дава најмногу здравствени придобивки.

Ова вклучува намалување на ризикот од срцеви заболувања; бројни видови на карцином; и невролошки, метаболички и заболувања на црниот дроб; како и вкупната смртност. Други истражувања откриле дека кафето го намалува ризикот од меланом, срцеви заболувања, мултиплекс склероза, дијабетес тип 2, заболувања на црниот дроб, карцином на простата, Алцхајмерова болест, болки во грбот и многу повеќе.

Се разбира, ништо не е совршено. Постојат неколку причини поради кои можеби сакате да го ограничите или избегнете кафето.

Набљудувајте го спиењето. „Ако имате проблем да заспиете, најдобро е да ги избегнувате кафето и сите извори на кофеин во вечерните часови или близу пред времето за спиење“, предлага Драјер.

Внимателно ако имате ризик од фрактури. Анализата на British Medical Journal откри дека високите нивоа на консумација на кафе (над четири шолјии на ден) се поврзани со поголем ризик од фрактури кај жени кои веќе имале поголема веројатност, но не и кај мажите.

Бремените жени исто така треба да бидат претпазливи. Откриено е дека повисоки нивоа на консумација на кафе го зголемуваат ризикот за предвремено родени деца и мртвородени деца, како и мала родилна тежина на бебињата. Ова веројатно се должи на фактот дека полуживотот на кофеинот се дуплира за време на бременоста, зголемувајќи ја дозата на кофеин по шолја, според студијата.

Не за оние со Паркинсон. Студијата објавена во септември 2017 година го измени мислењето за придобивките за Паркинсоновата болест, за која долго време се сметаше дека помага кофеинот. Истражувачите кои за прв пат откриле дека кафето го намалуваат тресењето кај оние со Паркинсон се вратиле и подолго време проучувале поголем број на пациенти. Овојпат, тие не најдоа никаква разлика помеѓу оние кои примале кофеински таблети и оние кои земале плацебо.

Но, за огромното мнозинство од нас, кафето е добро, велат експертите.

„За луѓето кои знаат дека имаат високо ниво на холестерол и сакаат да направат нешто околу тоа, да се држат настрана од нефилтрираното кафе, вклучително и кафето направено во бокал со притисок (cafetière)“, вели Тиле. „За сите други, пијте го кафето со чиста совест и одете на филтрирано кафе“.

За да го направите пиењето на кафе уште поздраво, Драјер ги предлага следниве совети:

Додадете млеко со малку маснотии и прескокнете го кремот. „Кремот придонесува околу 50 калории и 3 грама заситена маст по лажица“, вели Драјер, додавајќи дека млекото со малку маснотии има помалку калории и ќе помогне да се компензираат загубите на калциум (1 лажица има само 6 калории, но 19 милиграми калциум).

Избегнувајте шеќер во кафето. „Една лажичка шеќер содржи 16 калории. Можеби не звучи многу, но ако додадете две лажички во пијалакот и пиете неколку шолји на ден, додавате премногу калории”, вели таа.

Фото: Pexels