Зоран Мајновски, Бобан Симоновски, Никола Мишковски, Зоран Андонов, Дејан Карапеев и нивната колешка Маре Јаневска, изминатиов викенд беа дел од еден редок историски и цивилизациски настан, од одбележувањето на оваа величествена годишнина – илјадалетието на манастирот Св.Јован Бигорски.
Иако секогаш вешти и величенствени, се чини дека овојпат, дополнително инспирирани, вдахновени од Бигорската убавина, можеби и под влијанието на Бигорската чудотворна икона на Крстителот и на моштите на бројни светители, овие врвни мајстори направија едно вистинско вкусно чудо, свечена трпеза богата со традиција, но и во склад со новите гастрономски трендови.
Велат дека присуствувале на петочната литургија, па вдахновено и со елан, но и скромно и послушно, и во согласност со манастирските правила и инструкциите на готвачот на манастирот, отец Захариј, следниот ден ја подготвиле оваа вкусна и величенствена трпеза.
Имено, манастирската трпеза (ручекот и вечерата), иако има некаква формалност, во секојдневјето е сепак скромна, а монасите никогаш не јадат месо, па за него нема место ниту на славеничката трпеза.
Сепак, со оглед на поводот, свеченоста, но и гостољубивоста на свештеното бигорско семејство, празничното мени, велат овие големи мајстори на својот занает, било богато, во духот на традицијата и вкусот на македонската кујна. Главно, јадењата се превеле со продукти кои монасите и монахињите сами ги произведуваат.
Салати, мешавина од сезонски артикли и зеленчуци, пити, питулици и манастирски леб, домашен ајвар, пинџур, сирење, кашкавал, пиперки полнети со кајмак, чорба од тиква со кисело млеко, печена риба, но и кромидарник со чаден крап во глинено грне.
И за крај, посен десерт, повторно во духот на традицијата, варена тиква со мед и со ореви.