Претседателот на здружението на пчелари од брегалничкиот регион и еден од добитниците на наградата за зелени идеи на Здружението за социјални иновации АРНО, пчеларот Ванчо Кировски, во разговор за ‘Арткујна’ ни раскажа за целите на нивниот ‘зелен’ проект – Пријатели на пчелите.
„Целта на нашата бизнис идеја е да произведуваме пчелни производи на одржлив начин кои ќе бидат побезбедни за употреба, а притоа позитивно ќе влијаат на зачувување на биодивирзитетот без примена на конвенционалните методи на неконтролирано и несовесно третирање на пчелните семејства со хемиски средства, туку исклучиво со алтернативни пристапи во борбата со пчелните болести. Кога велам НИЕ, мислам на нашето здружение „Меден Исток“, кое брои околу 30-тина члена, од кои една третина се жени.
Во нашето дејствување имаме поддршка од програмата за зачувување на природата потпомогната од Швајцарската програма. Она што не поврзува е решеноста дека нема да употребуваме недозволени средства во борбата со пчелните болести кои штетно влијаат на здравјето на човекот и на пчелите“, вели Ванчо.
Дека нивниот мед е навистина квалитетен потврдиле и анализите според кои неговиот квалитет одговарал на оној на медот на Атиџе, па, со оглед на тоа што Атиџе немала доволно мед, токму нивниот го следел филмот „Медена земја“ на сите промоции и манифестации.
„Најдобар мед е медот произведен од пчелата без никакви посебни интервенции на пчеларот, а ние баш таков мед произведуваме“, вели Кировски и советува дека, за да се препознае кој мед е чист, најдобро е да се испрати на анализа, а наједноставно е кога со често консумирање на чист мед од познат пчелар се стекнува доверба и се истенчува вкусот за квалитет.
„Тоа ви е исто како и со сирењето. Кога купувате најдобро го разликувате по вкус и мирис. Инаку, има доста прирачни методи со кои се проверува чистината на медот.
Сакам да напоменам дека минатата година, на анализа на мед во Нови Сад, тројца наши членови вклучувајќи ме и мене, пративме од нашиот мед и сите добивме златни медали за квалитет на медот“, вели Кировски кој со пчеларство почнал да се занимава со помош на чичко му, во 1993. година, кога ги набавил првите роеви пчели.
„Најважно во пчеларството е да ја развивате љубовта кон оваа професија и посебно кон светот на пчелите кои според некои научни истражувања се важен фактор за опстанокот на човештвото“.
Инаку, на прашањето колку мед произведува тој, нашиот соговорник вели дека ова зависи од повеќе фактори.
„Пчеларството е земјоделска гранка и најмногу зависи од временските прилики. Најмногу што им пречи на пчелите е северниот ветер и ниските температури, посебно во пролетно-летниот период. Нормално, зависи и од развојот на пчелната заедница, од техниките и знаењето на пчеларот и благовременото извршување на тековните работи во пчеларниците.
Според моите евиденции јас го остварувам македонскиот просек на производство на мед од 10 до 17 кг по пчелно семејство. Сакам да напоменам дека во пчеларството постојат сѐ повеќе фактори кои негативно влијаат на количините на производство на мед, како што се, неконтролираното прскање со недозволиви и штетни пестициди во земјоделството, експериментирање со облаците и нивно разбивање, примена на несоодветни технологии и незнаење во пчеларството, итн.
Нашите идни планови се во нашиот регион да произведуваме чист природен мед и да успееме да ја одржиме рамнотежата на биодиверзитетот со примена на автохтони раси на пчела како што ние пчелариме со нашата раса Апис мелифера македоника, да бидеме чесни и на нашите купувачи да им даваме квалитетен мед и пчелни производи со препознатлив бренд во регионот и пошироко“, вели Кировски.