Наскоро ќе заврши сезоната на модри патлиџани, побрзајте…

Сезоната на модрите патлиџани е од август до октомври, па ако сте голем љубител, искористете го периодов за да купите повеќе и да одберете начин како да ги зачувате за зимава

0
353

Мусака со модар патлиџан, баба гануш, салати, тестенини со модар патлиџан – сето ова можете да го имате и во зима со модрите патлиџани што се чуваат замрзнати во замрзнувачот. Поради високата содржина на вода, тие треба да се испечат пред замрзнување – целосно или делумно.

Постојат два начини на кои модрите патлиџани се чуваат во замрзнувачот: како печени парчиња (по должина или по ширина) или како пире. На кој било начин тие можат да останат во замрзнувачот до една година.

Парчиња за замрзнување

Модрите патлиџани се сечат на парчиња со дебелина од околу 1-2 цм. Парчињата може да се исечат како тркалца, попречно или по должина. Посолете ги добро од двете страни и оставете ги во цедалка 30 минути до 1 час, за да се исцедат.

Избришете ги парчињата од течноста што ја ослободуваат со хартиени салфети. Покријте го дното на тавата со хартија за печење, а потоа наредете ги парчињата модри патлиџани на неа за да не се допираат едни со други. Загрејте ја рерната на 200 степени Целзиусови и ставете ги модрите патлиџани да се печат 15 до 20 минути. Оставете ги во рерна по потреба во зависност од дебелината. Готови се кога ќе омекнат, или кога се целосно испечени.

Кога ги замрзнувате на овој начин, парчињата одделете ги со хартија за печење за да не се лепат едни на други и чувајте ги во пластичен сад.

Замрзнати на ваков начин модрите патлиџани можете да ги користите за мусака, потпечени со пармезан, панирани, итн.

Наместо на парчиња, модрите патлиџаните можете да ги исечете и на помали коцки и да ги печете додека не поруменат. Ставете ги замрзнати во кеси за замрзнување во количина што ви треба за да подготвите сосови за тестенини, рижото, салати.

Пире за замрзнување

Друг начин е да го замрзнете пирето од модар патлиџан што го користите за подготовка на сосови, супи, чорби… За таа цел измијте ги модрите патлиџани и ставете ги да се печат цели. Пред печење, прободете ги на повеќе места со вилушка. Загрејте ја рерната на 220 степени Целзиусови. Печете ги модрите патлиџани 30-50 минути. Можете исто така да ги испечете на скара –  ќе бидат уште повкусни.

Изладете ги, излупете ги и оставете го пирето во цедалка да се исцеди околу 30 минути, а потоа чувајте го пирето во пластични садови во замрзнувачот во количина доволна за едно јадење.

Фото: Pixabey