Наместо тоалетна хартија и еден тон храна, купете …

Масовна психоза владее ширум светот, па и кај нас. Иако се улиците пусти, маркетите се полни со луѓе. А дали ќе фатите вирус во маркет или во кафуле, нема разлика, нели? Како и да е, ако веќе треба да се направи мала резерва од намирници за да не се пазарува секој ден, тогаш е најдобро да се купат следниве

0
1068

Насекаде низ светов се празнат рафтовите со храна и со хигиенски средства, па така е и кај нас.

Но, дали навистина ви треба толку многу тоалетна хартија, масло и брашно?

Кои се тие намирници што може да ви бидат потребни и доволни за да не мора секој ден да пазарите?

Еве што препорачува Мелиса Кларк во Њујорк Тајмс, а нешто додадовме и ние.

Тестенини: И шпагетите и фусилите можат да стојат долго време и ќе помогнат да се подготват различни јадења. Додадете малку сирење или само некој доматен сос – опциите се неограничени.

Ориз, инстант супи и грав: Добро е да имате грав во конзерва, но и од оној за варење.

Сувомеснати производи: Може да стојат во фрижидер со недели, а парче чадена шунка може да послужи како одличен додаток на најразлични јадења.

Јајца: Неопходна храна која исто така може да остане во фрижидерот долго време.

Замрзнато овошје и зеленчук: За смуди, супи и чорби. Мелиса Кларк дури сугерира замрзнати пченка и спанаќ, бидејќи тие не го губат вкусот.

Конзервирана риба: Сардини, инчуни и туна.

Лешници, ореви и друго јаткасто овошје: За грицкање и подготовка на храна.

Путер: Тој трае долго време во фрижидер, а уште подолго во замрзнувачот.

Компири, батат, моркови, цвекло, ѓумбир: Ако се чуваат добро, тие можат да траат со недели. Ако омекнат, потопете ги во ладна вода.

Кромид и лук: Не затоа што помагаат со вирусот, туку затоа што им даваат вкус на јадењата.

И ние би додале: овесни снегулки и јогурт или млеко со подолг рок на траење, тегла мед, суво овошје, јаболки, лимони, портокали и киви.

Ама не претерувајте, ќе има доволно храна доколку никој не складира големи количини во својот дом.

Фото: Pexels