Постојат бројни алтернативи за млекото произведено на класичен начин. Најчесто се користат од поддржувачи на здрава исхрана, оние кои не консумираат производи од животинско потекло и луѓе кои се алергични на обично млеко.
Најновиот хит меѓу поборниците за здрава исхрана е млекото направено од компири, кое е вегански пијалак без глутен и со ниска содржина на шеќер и заситени масти, и со многу калциум и витамин Д.
Компирот е намирница која ги има скоро сите елементи што ни се потребни за да преживееме, па често се вели дека едно лице би можело да функционира нормално дури и ако го консумира само овој зеленчук. Меѓутоа, во последниве месеци, компирот се споменува и се користи како идеална намирница за правење млеко, односно како алтернативен производ на млекото што е создаден на конвенционален начин. Ова млеко е направено од варени компири, малку зачин и вода.
Ова млеко е идеална алтернатива за кравјо, овчо и козјо млеко, но и за растителните верзии на овој производ, бидејќи иако има изглед и текстура слична на другите „млечни пијалаци“, тоа е далеку поодржлив од нив.
Освен фактот дека ова е производ што веганите ќе го обожаваат, исто така е многу погоден за сите чувствителни луѓе кои не можат да консумираат кравјо млеко, бидејќи не содржи вообичаени алергени како класичните млечни производи, лактоза, јајца, житарици , соја и јатки.
Процесот на правење млеко од компир
За да направите млеко од компир потребни ви се околу 700 мл топла вода или три шолји ако ви е така полесно. Потоа ви треба еден голем компир (една шолја коцки од компири), една лажичка (околу шест милилитри) екстракт од ванила, една четвртина чаша сечкани бадеми и малку сол.
Компирите прво мора да се излупат и да се сварат во одредена количина вода (три шолји) со додаток на малку сол. Кога компирот ќе се свари, ставете го во блендер и додадете топла вода, така што вкупната количина е четири шолји. Додадете ванила и сечкани бадеми. По желба може да се заслади со мед, јаворов сируп или сируп од агава.
Мешајте ги сите состојки околу пет минути, потоа процедете низ газа или крпа и млекото е готово. Можете да го консумирате кога е млако или разладено.
Фото: Pixabay