Приказната за маџунот е стара колку и грозјето, а во Тиквешијата, според археолошките истражувања, одгледувањето на виновата лоза има традиција стара повеќе од 2000 години. Во минатото, нашите баби и дедовци немале шеќер во изобилство како денес, бидејќи бил прилично скап, па слатките и колачите ги подготвувале со маџун .
Маџунот го правеле од бели и црвени сорти грозје, но ги избирале оние поблагите, од кои се добивало многу повеќе маџун. Меѓу познавачите на маџунот, позната е изреката дека маџунот од бело грозје е храна, а од црвеното грозје е лек.
За гроздовиот слад се вели дека е хранлив како мајчиното млеко. Изобилува со минерали (калиум, натриум, калциум, фосфор, железо), витамини (Б1, Б2, Б3, Б6, Ц, А, Д), енергетски супстанци, танини, флавоноиди, антиоксиданси, гроздов и овошен шеќер, органски киселини. Токму поради тоа, маџунот претставува вистинска ризница на хранливи состојки, кој ќе ви помогне да го подобрите вашето здравје.
Се препорачува за зајакнување на имунолошкиот систем кај деца, рековалесценти, постари лица и спортисти. Помага при настинки и инфекции на респираторниот систем, психички нарушувања, прекумерна телесна тежина, запек, анемија, болести на кардиоваскуларниот систем, а посебно се препорачува кај луѓе со нарушена функција на црниот дроб заради прележана жолтица, алкохолизам, цироза и прекумерна употреба на лекови. Заради антиоксидативните својства делува и антиканцерогено.
Може да се користи во секојдневната исхрана за засладување на чај, млеко, мусли или пак како прелив на торти, сладоледи и колачи. Со ова не само што ќе го подобрите вкусот на вашите омилени пијалоци и јадења, туку ќе направите вистински чекор напред кон подобрување на психофизичкото здравје.
За подобрување на имунитетот се употребуваат една до две лажици маџун во текот на денот, наутро и навечер, самостојно или растворени во вода, чај, млеко, сок.
Фото: Пинтерест