Маски за лице: Еколошка катастрофа која може да трае со децении

Само една маска може да произведе милиони честички, од кои секоја има потенцијал да внесе хемикалии и бактерии во синџирот на исхрана, а потенцијално дури и кај луѓето.

0
123

Неправилното отстранување на маските за еднократна употреба може потенцијално да стане проблем што ќе трае со децении.

Носењето маска е задолжително во многу земји низ целиот свет. Точно е дека, дури и пред да станат задолжителни, отстранувањето на хируршките маски предизвикуваше проблеми и на копно и во вода. Неодамна, дури 70 отфрлени маски се пронајдени на плажа во Хонг Конг, долж 100 метри. На Медитеранот, наводно,  биле видени како лебдат како медузи.
Секој ден на социјалните мрежи и во медиумите, наидуваме на стотици пораки за тоа како да се носат маските, а има многу малку што ни објаснуваат како да ги отстраниме или да ги рециклираме, пишуваат група автори од Универзитетот во Портсмунд за The Conversation.

Без подобра практика за отстранување на маските, дури неколку милијарди од нив се трошат низ целиот свет месечно, ние се соочуваме со еколошка катастрофа. Повеќето маски се направени од долготрајни пластични материјали, чие распаѓање, доколку се фрлат во природа, може да трае од неколку децении до неколку стотици години, што значи дека тие можат да имаат бројни ефекти врз животната средина и луѓето.

Опасност и за луѓето и за животните

Досега, истражувањата покажаа дека новиот вирус на корона може да преживее на хируршка маска до седум дена. Кога е несоодветно депонирана, маската претставува опасност за комуналните работници, собирачите на секундарни суровини, но и за следниот што доаѓа до контејнерот за да го фрли своето ѓубре.

Долгорочно, несоодветно отфрлените маски се реална опасност за растенијата и животните. Пластичниот отпад е познат по тоа што го задушува и уништува екосистемот. Некои животни не можат да ја воочат разликата помеѓу пластичен предмет и пленот, такашто кога по грешка ќе голтнат маска или парче маска, може да се појави задушување. Дури и ако не се задушат, животните остануваат гладни, бидејќи материјалот со кој ги наполниле стомаците не обезбедува хранливи материи ниту се распаѓа како храната, со што им го отежнува варењето. Помалите животни можат лесно да се заплеткаат во фрлените маски и ракавици.

Со текот на времето, пластиката се распаѓа на помали парчиња, и колку подолго се наоѓа ѓубрето во околината, толку повеќе ќе „навлезе“ во екосистемот. Пластиката најпрво се распаѓа на микропластика, а потоа на нанопластика. Овие ситни честички и влакна често се долготрајни полимери кои можат да се инфилтрираат во синџирот на исхрана. Само една маска може да произведе милиони честички, од кои секоја има потенцијал да внесе хемикалии и бактерии во синџирот на исхрана, а потенцијално дури и кај луѓето.

Што можеме да сториме?

Во март, Светската здравствена организација оцени дека се потребни 89 милиони дополнителни маски за еднократна употреба на глобално ниво за борба против COVID-19.
Тим од Универзитетскиот колеџ во Лондон го испитал производството, употребата и отстранувањето на маските за еднократна употреба, повеќекратните и маските за повеќекратна употреба со филтри за да се пресмета нивното целокупно влијание врз животната средина.

Откриле дека маските за повеќекратна употреба без филтри, кои може да се перат во машина, имаат најмало влијание врз животната средина, во текот на една година. Маските со филтер кој рачно се перат имаат поголемо влијание врз животната средина затоа што – додека со машинското перење се користи електрична енергија – перењето на раце бара повеќе вода и детергент за секоја маска. Филтрите за еднократна употреба исто така го зголемуваат влијанието врз животната средина, затоа што овие мали филтри често се направени од пластика која е слична на онаа што се користи за правење маски за еднократна употреба. Всушност, можеби ќе бидете изненадени кога ќе откриете дека трудот заклучува дека маските со филтер за повеќекратна употреба имаат најголемо влијание врз животната средина како целина – дури и поголемо од употребата на маските за еднократна употреба.

Имајќи го предвид сето ова, треба да преземеме и некои чекори за да го намалиме негативното влијание на маските врз животната средина:

– Користете маски за повеќекратна употреба без филтри. Можете да ги исперете во машината за перење и потоа да ги испеглате. Носете резервна маска со вас, такашто не мора да купувате маска за еднократна употреба ако се случи нешто непредвидено.
– Ако носите маска за еднократна употреба, спакувајте ја, можеби во кеса ако имате, и фрлете ја, по можност дома, во канта со капак. Ако тоа не е можно, фрлете ја во соодветна јавна канта за отпадоци.
– Без оглед за која маска ќе се одлучите, не фрлајте ја на улица или во природа, покрај канта!

Фото: Pixabey