Македонско песто и природно сушени македонски домати во масло, италијански рецепт

Велешанецот Валентин Миланов има интересно хоби чиј производ од неодамна може да го имаат на својата трпеза сите љубители на домашни и природни производи. Тој и неговата сопруга на својот мал имот во велешко во деновите кога се слободни од своите професионални обврски, таа како јавен обвинител, а тој како менаџер на голема компанија, практикуваат активен одмор - сушат домати кои потоа ги прелеваат со масло и ги пакуваат во тегли, а прават и песто.

0
1076

Со господин Валентин Миланов, кој покрај многуте обврски кои ги има како менаџер на компанија која нема никаква врска со прехранбената индустрија, е и мал производител на сушени домати во масло и македонско песто росо, разговаравме на наш терен, во Скопје, а посетата на нивниот имот кадешто се случува производството на три фантастични домашни производи, ја договоривме за некое подобро време.

Нашиот соговорник и неговата сопруга во деновите кога се слободни од своите професионални обврски, практикуваат активен одмор – сушат домати кои потоа ги прелеваат со масло и ги пакуваат во тегли, а од нив прават и превкусно песто кое не содржи никакви конзерванси.

„Имаме мал семеен имот кој се наоѓа во близина на велешкото езеро, кадешто сакаме да го поминуваме слободното време и каде најпрвин за сопствено задоволство, а од неодамна и за продажба, почнавме да сушиме домати, на традиционален начин, како што тоа се прави и во Италија и во Турција, на природен начин, односно, на сонце.

Доматите ги произведува мојот пријател-кооперант кој ги одгледува во едно прекрасно чисто место на 500 метри надморска висина во велешката околија, во близина на селото Извор. Јас ги земам од него, а потоа следува доработка, сечкање и сушење исклучиво на сонце, а не вештачки, во дехидратори. Целата изработка е домашна, па оттаму и нашиот бренд е Milanov’s home made.

Од секогаш сум ја сакал медитеранската кујна и сушените домати секогаш ми биле привлечни и вкусни. Почнав да експериментирам со неколку рамки, ги сушев, па пробував да ги ставам во саламура, истражував на интернет, гледав како го прават тоа во Италија, експериментирав, додавав и одземав зачини и така неколку години правев само за себе и за семејството и моите пријатели кои доаѓаа кај нас. Ова траеше сѐ до моментот кога еден мој пријател од Нова Горица, кој е со италијанско потекло, не го проба мојот производ и не ми рече: ‘Ова е многу добро, нешто што треба да го споделиш, бидејќи е премногу добро за да го зачуваш само за себе’.

Тоа ме поттикна да го зголемам производството, да направам повеќе рамки и да го проширам просторот за природно сушење на доматите и сега веќе втора година по ред моите производи – сушени домати во сончогледово масло, сушени домати во маслиново масло и третиот производ – црвеното песто со истите сушени домати (песто росо), ги брендирав, ги спакував во достојна амбалажа и сега се достапни за сите оние љубители на природни и локални производи.

Пестото го правам од доматите кои се веќе ставени во саламура, па потоа со додавање на пармезан, босилек, лукче и некои други работи, се блендира и се пакува. Се придржуваме до рецептот кој се покажа како најдобар, оној поради кој мојот пријател и ме поттикна на поголемо производство. Внимавав на тегленцата, на етикетите, на сите детали, за сето тоа, освен што е вкусно, да биде и привлечно за око“, раскажува нашиот соговорник.

Неговите производи веќе можат да се најдат на менијата на некои ресторани, на фејсбук страната на  Milanov’s home made, но и во новоотворената продавничка за здрава храна „Мајка природа“, во ТЦ „Алуминка“ во Скопје.

Што се однесува до трајноста на производите вели дека, иако на нив ставил 3 години рок на траење, ако правилно се чуваат, секако, пред отварањето, се практично, трајни. Тој дури и ги советува купувачите да земат од ланска, прекланска, па дури и препрекланска реколта, наместо од годинешна, бидејќи, како што вели, се уште поубави кога ќе одлежат во саламурата и ги имаат примено сите сокови.

„Самата дехидрација на доматите, како и тоа што при сушењето целата површина на исечените домати, се прекрива со крупна морска сол која е на некој начин конзерванс и заштита, му дава трајност на производот. Тоа е убавата страна на овие производи. Инаку, станува збор за оние долгнавести домати кои се најдобри за ова бидејќи се најмеснати и немаат многу сокови, па домаќинките обично ги употребуваат за правење кечап. Тие се најпогодни за сушење, бидејќи даваат доста суровина. Кога се созреани доматите сите витамини што ги имаат внатре се зачувуваат со сушењето. Кога ќе дехидрираат, ги оставаме да одморат, а потоа се обработуваат малку термички за повторно да набабрат, се ставаат во тегла, се преливаат со масло, се додаваат зачини и тоа е тоа.

Жал ми е што морам да кажам дека пестото не е комплетно македонски производ бидејќи во него ставам од италијанскиот пармезан, Грана падано, но еве, ова нека биде и предизвик за нашите производители да направам некое слично сирење кое би било доволно суво за да може да биде состојка во пестото. Искрено, се обидов по сугестија на нашиот готвач Марк Де Јонг да употребам македонски кашкавал, ама вкусот не беше тој. Ние дефинитивно имаме многу убави сирења и кашкавали, ама за песто, уште еднаш ќе кажам, би требало да се посуви.

Инаку, секако со задоволство би користел наш производ доколку го задоволи вкусот на пестото. Следам ситуација па ќе видиме. Сите сме во потрага по домашни добавувачи и би сакал искрено и пестото да може да биде комплетен македонски производ, но сега за сега не би експериментирал повеќе.

Што се однесува до цената на производите, ќе кажам, не е многу скапо, но е сепак цена соодветна за еден ексклузивен деликатес. Колку за објаснување, за да се добие со овој начин на дехидрација 1 килограм сушени домати, потребни се 10 до 12 килограми свежи домати, а потоа и тука е начинот на подготовка кој е рачен, рачно се сечат, рачно се редат, и тоа е навистина посебен вкус и здрав производ во кој нема никакви конзерванси“, објаснува господин Валентин.

Засега, производите ги прават тој и сопругата, а и нивните деца знаат да се вклучат и да помогнат, а кога не можат да стасаат, тогаш се случува да побараат помош од луѓето кои живеат во населбата.

Дома, претпоставувате, овие производи се многу често на нивната трпеза.

„Сушените домати ги користиме дома често како додаток во јадење, како мезе, со разни сирења, секако, со тестенини кои се преубави во оваа комбинација, и со пестото и со сушените домати во масло, како и во разни салати со рукола, млад спанаќ, и така натаму“, вели Миланов.

Не планира други производи бидејќи не само што не сака да се расплинува, туку и сака ова негово хоби да продолжи да му биде релаксација, а не обврска. Токму поради тоа, производите на Миланов нема да ги најдете во големите маркети.