Оцетот е намирница која, како и солта и маслото ја земаме здраво за готово. Но, има интересна историја и многу примени: освен во салати, можеме да го користиме во разни јадења, вклучително и во десерти. Му се припишуваат и лековити својства…
Веројатно сте слушнале за оцет од јаболка, вински, алкохолен…а дали сте пробале или барем дали сте слушнале за оцет од сливи?
Во нашите продавници го нема, но затоа го имаше на пазарот во „Јавна соба“, на штандот на Страшко Милошевски, актер, претседател и оснивач на осоговскиот огранок на Слоу фуд, но и производител на оцет од диви јаболки, оцет од модри сливи, ракија и неговото откачено слатко од лути пиперки, познато како „Ем луто, ем слатко“.
Сакајќи да се отргне од традиционалните начини на преработка на сливи, кои се сведуваат на ракија и џем од сливи, господин Страшко решил сливите да ги претвори во оцет кој си го нарекол – Балсамико.
Така го добил овој оцет со нежен вкус и бледо виолетова боја, а бидејќи е поблаг во споредба со другите видови оцет, идеален е за луѓе со чувствителен стомак, но и за оние кои не ги сакаат вообичаените видови оцет.
Се разбира, во стилот на слоу фуд, без конзерванси, вештачки бои и вкусови, оцет добиен со природна ферментација на сливи од чистите осоговски предели.
Покрај многу работи кои ни изгледаат незаменливи во денешно време и оцетот е откриен сосема случајно. Некогаш, пред околу 10.000 години, некој предолго чувал вино во неадекватен сад и тоа станало кисело. За среќа, овие наши древни предци нашле начин да го користат киселото вино и производството на оцет станало една од најраните комерцијални индустрии.
Денес оцетот се произведува и од многу други намирници кои содржат природен шеќер, но принципот е секогаш ист: се добива со ферментирање на природни шеќери во алкохол, а потоа со секундарна ферментација во оцет.