Алијансата на готвачи на Слоу фуд е мрежа на готвачи што го бранат биодиверзитетот на храната низ целиот свет. Станува збор за готвачи кои секојдневно, со користење производи од проектот Президиуми и од Арката на вкусови, како и локално овошје, зеленчук и сирења во нивните кујни ги поддржуваат малите производители, чуварите на биодиверзитетот.
Денеска, во ресторанот ‘Ореов лад’ и официјално беше формирана алијансата на готвачи на Слоу фуд Македонија кои автоматски влегуваат во Алијансата на готвачи на интернационалната мрежа на Слоу фуд. Од готвачите се бара да ги додадат имињата на производителите во нивните менија, за да ѝ дадат видливост на нивната работа. Готвачите од Алијансата патуваат, се среќаваат едни со други, учествуваат во настани и готват заедно.
Запознајте се со готвачите вклучени во проектот: Маре Јаневска, Зоран Мајновски, Бобан Симоновски, Дејан Карапеев, Пеце Клечкароски, Елена Џајкоска, Александра Атанасовска, Орце Трајковски и младите Симона Илковска и Даниела Лазаревска, инаку дел од подмладокот на Слоу фуд Македонија.
Алијансата на готвачи на Слоу фуд Македонија која стартуваше со овие десет готвачи и верни поддржувачи на Слоу Фуд, ќе биде отворена и за некои други идни членови кои секако, ќе треба да го заслужат своето членство.
А за овие револуционерни готвачи, има и неколку едноставни правила кои вклучуваат соработка со земјоделци и одгледувачи кои го зачувуваат биодиверзитетот, готвење со производите на проектот Президиум и Арката на вкусови и нивно промовирање, купување директно од локалните производители, користење на сезонски производи, помалку месо,итн и секако, поддршка на проектите и кампањите и генерално, на филозофијата на Слоу Фуд.
Како и на секоја Слоу Фуд дружба, и на оваа уживавме во вкусната храна, онака, ‘слоуфудовски’, полека, едно по едно, залиено со чаша станушина.